Народниот правобранител Насер Зибери во соопштение до медиумите информира дека од предметното работење и спроведеното истражување констатирал бројни проблеми во спроведувањето на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родените, како што се: недоволна информираност на овие лица за начинот на поднесување на барање до Управата за водење на матични книги, недоволна обученост и оспособеност на овластените лица за прием и процесуирање на ваквите барања, но и практична неможност за користење односно уживање на правата кои ги гарантира овој закон.
Тој констатирал повреда на правата на овие лица поради недоследна имплементација на Законот за неевидентирани лица.
Имајќи го предвид и фактот дека во изминатите две години откако започнала примената на овој закон за ниту едно лице не е отпочната постапка за дополнителен упис во матичната книга на родените, а од друга страна неспорно, вака како што е конципиран Законот не нуди никаква можност за решавање на граѓанскиот статус односно државјанскиот статус на овие лица, што дополнително го комплицира остварувањето на уставните и законските права на овие лица, народниот правобранител и препорачува на Владата да преземе мерки за повторно продолжување на рокот на важење на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените, и тоа најмалку за една година.
Владата да ги задолжи ресорните министерства да ги усогласат законите од областа на образование, здравствена заштита и здравствено осигурување, социјална заштита и вработување со задолжително социјалното осигурување, со Законот за неевидентирани лица во матичната книга, со што ќе се овозможи непречено остварување на четирите права од Законот, но и други права кои се тесно поврзани, а кои постојниот закон не ги препознава, како што е правото на ученички стипендии, додаток за образование, посебен додаток, надоместоци за попреченост, пријавување како невработено лице во Агенцијата за вработување и следствено остварување на соодветни надоместоци и други бенефити кои произлегуваат од статусот-невработено лице и сл. Најитно да се изнајде решение за надградба на постојниот интегрираран систем (софверско решение) кое ќе овозможи препознавање на посебниот евиденционен број од изводот од посебна матична книга на родени и идентификационата исправа, а со тоа и можност за непречено остварување на правата во горенаведените области, порачува народниот правобранител.
Потенцира дека треба да се задолжат надлежните институции на поинтензивна соработка со граѓанските здруженија со цел проактивен пристап при лоцирање на овие лица, нивно идентификување, вклучувајќи спроведување на теренски посети, јавни кампањи или друго информирање и соодветно информирање на засегнатите лица кои сè уште не поднеле барање,
Министерството за правда, како предлагач на законот и надлежен орган за вршење надзор врз спроведувањето на неговите одредби, да покаже проактивен однос и заложба за ефикасна имплементација на законот. Министерствата за образование, за труд и социјална политика, за здравство, за внатрешни работи, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Управата за водење на матични книги и другите надлежните институции да покажат добра волја, ажурност, наколенетост и флексибилност во постапувањето, со почитување на пропишаните рокови, повисоко ниво на меѓусебно координирање, со цел конечно да се реши долгогодишниот проблем со правно невидливите лица во државата, истакнува народниот правобранител и очекува Владата најитно на седница да ја разгледа Информацијата со предлог за преземање мерки на седница и да донесе соодветни заклучоци согласно дадените препераки, а за ставот и преземените мерки, согласно член 34 од Законот за народниот правобранител, и да го извести најдоцна во рок од 10 дена од приемот на овој допис.
Минатата година, како што посочува народниот правобранител, ја информирал јавноста за податоците добиени од Управата за видење на матични книги, според кои, од вкупно евидентираните 659 лица кои немаат документи и чие раѓање не е запишано во матичната книга на родени повеќе од половина, односно 60 отсто (или 397) се деца на возраст до 18 години. Во текот на 2020 година (по донесување на Законот) од вкупниот број неевидентирани лица поднесени се вкупно 184 барања за издавање на извод од посебната МКР, и уште 27 барања во периодот јануари-април 2021 година, односно вкупно се доставени 211 барања за упис во Посебната матична книга на родени.
-Во 2022 година, проблемите продолжија, и следствено зачестени се претставките од неевидентираните лица, кои укажуваат на неможност да ги остварат правата утврдени во Законот за неевидентирани лица. Имено, клучен проблем во моментот е тоа што Законот за неевидентирани лица е со важност до јуни 2022 година, а во пракса повеќе од половина од вкупно идентификуваните 732 лица (според најнов податок од УВМК), не иницирале постапка за упис во Посебната матична книга на родените. Од друга страна пак, лицата кои имаат извод од посебната матична книга и идентификациона исправа, во пракса не остваруваат ниту едно од утврдените права (право на образование, здравствена заштита, социјална заштита, вработување со задолжително социјално осигурување). Дополнително, народниот правобранител утврди дека не секое од лицата на кое му е издаден извод (320) има добиено и идентификациона исправа (115), што дополнително го отвора прашањето зошто е тоа така, ако се има предвид законската одредба дека „службеното лице од Управата го известува Министерството за вантрешни работи за издадениот извод на родените, во рок од 15 дена од денот неиздавањето, заради издавање на идентификациона исправа, информира народниот правобранител.
Тој посочува дека по сознанијата дека проблемите не се надминати, иако до истек на важноста на Законот има уште само три месеци (до јуни 2022 година), на ден 24.03.2022 година повикал на разговор претставници од државни институции кои имаат обврска да го спроведуваат Законот за неевидентирани лица или да вршат надзор над неговото спроведување.
На средбата, како што истакнува, присуствувале претставници од министерствата за правда, за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за образование и наука, Управата за водење на матичните книги, и Агенција за вработување и немало претставник од Министерството за здравство, иако биле уредно поканети. На средбата се потврдиле констатациите за неможност за имплементација на Законот за неевидентираните лица и неостварување на правата утврдени со истиот, поради што тој, согласно член 32 од Законот за народниот правобранител оценил за потребно да ја информира Владата со посебна информација и предлог за преземање мерки.
Имено, неспорно е констатирано дека овие лица и по добиениот евиденционен број кој треба да го замени единствениот матичен број, до упис на овие лица во редовната матична книга на родените, не можат да ги остваруваат правата кои се утврдени во член 2 од Законот за неевидентирани лица (право на образование, здравствена заштита, социјална заштита, вработување со задолжително социјално осигурување).
Ова преставува сериозен проблем за кој под итно треба да се најде најсоодветно решение, во спротивно државата се доведува во состојба да има закон за кој не се создадени предуслови за непречено спроведување односно состојба на нерешавање на проблемот со неевидентираните лица. Ниту еден од ресорните закони кои поединечно ги утврдуваат горенаведените права не се усогласени со Законот за неевидентирани лица во матична книга, што се потврдува со фактот дека евиденциониот број кој го добиваат лицата во изводот од посебната матична книга на родените и кој е содржан во идентификационата исправа, не се препознава во интегрираниот систем на надлежните органи и инстиуции, па во пракса лицата имаат извод и исправа но не можат да остварат ниту едено од споменатите права, информира народниот правобранител Зибери.
извор: Народен правобранител