Олена Зеленска се нашла на насловната страна на последното издание на „Vogue“, а таа и нејзиниот сопруг Володимир Зеленски позирале за неколку фотографии во списанието. Во интервјуто зборувале за себе, за својот брак и за војната во Украина.
„Секогаш сум сакала да бидам зад сцената, тоа ми одговараше. Доаѓањето на сцената тешко ми падна“, рекла Зеленска. Раскажала дека се запознале во средно училиште, дека оделе заедно на факултет и дека пред Зеленски во 2019-та година да стане претседател, двајцата работеле во забавната индустрија.
Парот во соработка со неколку пријатели во 2003-та година ја основал продукциската куќа „Квартал 95“, која станала најголема на подрачјата каде се зборува руски или украински јазик. „Квартал 95“ ја продуцирал популарната сатирична програма Вечерен квартал. Зеленски тогаш настапувал како водител, а Зеленска го пишувала сценариото.
Признала дека не била воодушевена од неговата кандидатура бидејќи се плашела дека таа функција премногу ќе ги изложи нив и нивните деца, ќерката Александра и синот Кирил. Но, „Vogue“ нагласува дека и покрај стравовите, Олена Зеленска одлично се снашла во улога на прва дама.
Нагласила дека инспирацијата ја добива од своите сограѓани. „Се радуваме на победата. Не се сомневаме дека ќе победиме“, заклучила таа.
Украинскиот претседател рекол дека кај неговата избраничка прво го привлекол изгледот. „Гледаш во нечии очи, нечии усни. Но кога ќе почне разговорот, тогаш се преминува границата меѓу сите допаѓања и љубови. Тоа ми се случи на мене“.
Додал дека се обидел да ја придобие со хумор, но дека тоа не му успевало. „Моите шеги не и „легнува“ секогаш баш добро“, признал Зеленски.
Интервјуто и фотографиите на парот Зеленски во „Vogue“ предизвикале бројни коментари на социјалните мрежи.
„Е тој пар е вреден за насловната на „Vogue“, „Ремек дело. Нивните очи испраќаат илјадници емоции“, „Каков прекрасен и храбар пар“, „Божица и јунак”“, се некои од позитивните коментари.
Но, не тие коментари биле во тој тон. „Сега е и манекен?“, „Зарем не треба да и помагате на својата земја, наместо да се фотографирате за „Vogue”“, „Нивниот народ умира, а тие се сликаат“, пишувале корисниците незадоволни од ваквото медиумско експонирање на украинскиот претседател и неговата сопруга.
tocka.mk