Остатоците од огромна кинеска ракета ќе паднат на Земјата следната недела

Остатоци од огромната кинеска ракета што испорача нов модел на вселенската станица на оваа земја во понеделникот се очекува да паднат на Земјата следната недела, соопшти американската вселенска команда, која ја следи нејзината траекторија.

23-тонската ракета Long March 5B го носеше лабораторискиот модул Wentian во вселената и беше лансирана од островот Хаинан во 14:22 часот по локално време во неделата. Модулот потоа успешно се спои со кинеската орбитална станица.

Меѓутоа, откако ја заврши својата работа, ракетата почна неконтролирано да се спушта кон Земјината атмосфера, а не се знае каде ќе падне. Неконтролираниот лет е вкупно трет за Кина, која веќе е критикувана поради лошото управување со вселенскиот отпад.

„Тоа е метален предмет тежок 20 тони. Иако ќе се распадне кога ќе влезе во атмосферата, бројни парчиња, некои од нив прилично големи, ќе паднат на површината”, вели Мајкл Бајерс, професор на Универзитетот во Британска Колумбија и автор на неодамнешна студија за ризикот од вселенски отпад.

Вселенскиот отпад претставува исклучително мал ризик за луѓето, но можно е поголемите парчиња да предизвикаат штета доколку паднат на населени места. Бајерс рече дека поради зголемувањето на количината на вселенски отпад, тие мали шанси стануваат се поголеми. Според проценките, можноста за паѓање на ракетни тела во Џакарта, Дака и Лагос е три пати поголема отколку во Њујорк, Пекинг или Москва.

 

info.mk