Првиот брод со жито што ја напушти Украина од почетокот на војната со Русија денеска отплови за Либан по инспекцијата на тимот од Заедничкиот координативен центар во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бродот под знамето на Сиера Леоне, натоварен со над 26.500 тони пченка, пристигна синоќа во Истанбулскиот Мореуз на влезот во Црното Море и се закотви на локацијата која му беше доделена.
Контролите траеја повеќе од еден час и набргу потоа турското Министерство за национална одбрана на Твитер објави дека бродот „Разони“ наскоро ќе помине низ мореузот и ќе продолжи кон Либан.
Украинскиот министер за инфраструктура, Олександр Кубраков, исто така на Твитер објави дека бродот бил „успешно“ прегледан од делегацијата, додавајќи дека е „подготвен да го продолжи патувањето до пристаништето во Триполи, Либан“.
Бродот тргна во понеделникот од украинското пристаниште Одеса, како резултат на договорот за обновување на испораките на украинско жито од пристаништата на Црното Море, што беше потпишан од Украина и Русија на 22 јули во Истанбул, со посредство на Туркије и Обединетите нации (ОН).
Согласно со договорот, формиран е Заеднички координативен центар за спроведување заеднички инспекции на влезовите и излезите на пристаништата, за да се осигура безбедноста на рутите.
Туркије, која беше пофалена од меѓународната заедница за нејзината посредничка улога, координираше помеѓу Москва и Киев за отворањето на коридорот од украинскиот пристаништен град Одеса за продолжување на глобалната испорака на жито што беше стопирана од 24 февруари кога започна Руско-украинската војна.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).