Расте интересот и барањата за промена на броилата. Граѓаните очекуваат фотоволтаиците на покривите на нивните домови магично да им го решат проблемот со високите сметки за струја. Но дали е тоа така?
Расте интересот кај граѓаните за менување на броилата и поставување на фотоволтаични системи на покривите на нивните домови за производство на електрична енергија за сопствени потреби или за продажба. По законските измени со кои се дозволи поставување на фотонапонски централи за граѓаните до 6kW граѓаните во фотоволтаиците бараат спас од високите сметки за електрична енергија, но на патот кон постигнувањето на оваа цел искрснуваат повеќе дилеми и препреки, кои во моментов тешко се премостуваат.
Наплив за промена на броила
Од ЕВН Електрани за ДВ потврдуваат дека има зголемен интерес, што е и очекувано по законските измени. Се бараат информации повеќе околу промената на броилата и кој ќе го сноси трошокот за тоа, но и за бројните сложени процедури за да се произведува струја за себе, а евентуалниот вишок да се продава.
„Граѓаните покажуваат зголемен интерес за поставување на фотонапонски централи до 6kW на сопствените кровови, при што едно од главните прашања е одговорноста и трошокот за промената на едносмерното броило во двосмерно. Тие се упатуваат до Електродистрибуција со претходни насоки околу спроведување на процесот на регистрација на домаќинствата како нов учесник во дистрибутивниот систем – „потрошувач-производител“, велат од ЕВН.
Интерес има, но институциите кубурат со кадри и капацитети. Од ЕВН велат дека моментално се соочуваат со преголема ангажираност на ЕВН Електрани и на под-изведувачите, како и недостиг на капацитети за изведба на проекти на пазарот.
Дека енормно расте интересот кај граѓаните за обезбедување на струја од обновливи извори на енергија потврдуваат и приватните компании кои се занимаваат со поставување фотоволтаици. Стопанственикот Зоран Митрески укажува дека има огромен број на лица кои имаат желба и намера да инвестираат во сопствен фотонапонски систем. Тој на социјалните мрежи ги сподели сите дилеми и проблеми со кои се соочуваат по новите законски одредби кои стапија летово на сила, со што се отвори патот граѓаните да можат да го продаваат вишокот струја.
Штури информации и недоумици
Законските измени коишто стапија на сила, според познавачите на проблематиката, не се доволно објаснети, што создава недоумици кај граѓаните коишто се заинтересирани за ваквата инвестиција. Кај многумина постојат дилеми дали ќе имаат ќар од ваквата инвестиција.
„Дилемите секако има и затоа воспоставуваме отворен и искрен пристап до секој заинтересиран со објаснување како до најрентабилно искористување на еден фотоволтаичен систем“, велат од ЕВН Електрани. Оттаму укажуваат дека перцепцијата кај заинтересираните домаќинства во врска со користењето на фотонапонските системи е најчесто погрешна, и во насока на обезбедување на електрична енергија во зимскиот период поради намалување на трошоците за греење, обезбедување на електрично напојување кога дистрибутивниот систем би бил вон функција и остварување на комплетна независност од снабдување со електрична енергија.
„Сите овие барања се нереални и од наша страна се пристапува кон сите заинтересирани со објаснување во кој случај системот е рентабилен и како треба да се планира потрошувачката на електрична енергија при поставен фотонапонски систем во домаќинство. Продажбата на вишокот произведена електрична енергија е најчесто секундарен интерес, но никогаш не е исклучен од прашањата“, појаснуваат од ЕВН.
Дополнителни трошоци
Според Митрески, за да се разгледа барањето за изготвување на потенцијално техничко решение за приклучување на генераторска единица на дистрибутивната мрежа, граѓаните мора да уплатат 7.000 денари на ЕВН Електродистрибуција. Потребен е доказ за сопственост за објектот каде се инсталира производната постројка, потоа основен проект за производната постројка (фази: електрика, статика, архитектура и ревизија) по цена од 700-1.000 евра.
Потребно е и решение за поставување или одобрение за градење на производната постројка од страна на Локалната самоуправа со уплата на такси според тарифникот, поставување на двосмерно броило од страна на Универзалниот снабдувач по цена од 12.000 денари и на крајот, изведба на самиот систем до 6 kW по пазарна цена од 5-6.500 евра во зависност од квалитетот на опремата.
Министерот за економија Крешник Бектеши во изјава за медиумите во јуни годинава појасни дека за да се монтираат фотоволтаици потребно е домаќинството да го смени мерачот со таков кој има влез и излез на електрична енергија. Така вишокот на енергија домаќинствата можат со операторот да вршат размена и потоа произведената струја да се компензира или да се наплати. „Ако беше дозволено 4 kW сега со новиот Правилник е дозволено производство на 6 kW .Така едно домаќинство ако искористи само 2 kW вишокот на енергија може да ја предаде на ЕВН кој е Универзален снабдувач. Така домаќинствата можат да вршат размена и потоа произведената струја да се компензира или да се наплати“, кажа министерот Бектеши.
Тој вели дека има приватни компании кои инсталираат вакви панели, а за да се монтираат треба потврда од надзор според Законот за градење, кој во наредниот период ќе претрпи измени со цел да се поедностават процедурите за да се стимулира зелената енергија.
По која цена ќе се откупува струјата?
Во однос на дилемата по која цена ќе се откупува струјата што ќе ја произведат домовите од фотоволтаици, од ЕВН Електрани за ДВ велат дека последната регулатива ја ограничува цената на откуп на вишок произведена енергија од домаќинства кои се снабдуваат од Универзалниот снабдувач на 90% од цената по која Универзалниот снабдувач ја набавил од ЕСМ во текот на пресметковниот период од 6 месеци.
„Дополнително се дава до знаење дека доколку за пресметковниот период потрошената енергија е помала од вишок предадената енергија, во тој случај се аплицира пред откупната цена и со коефициент добиен како количини од потрошена/произведена електрична енергија, кој во такви случаи е <1“, објаснуваат од компанијата.
Бектеши очекува до крајот на годината да има 150-170 киловат часови инсталирана моќност од ваква инвестиција од домаќинствата и компаниите.
Во однос на дилемите коишто се појавија во јавноста за дополнителни трошоци за дистрибуција и други ставки кои ќе им се наплаќаат на граѓаните на сметките, а за кои не се доволно информирани, од ЕВН велат дека последните измени во законската регулатива ги отстранија трошоците за дистрибуција на електрична енергија за енергијата која е вишок произведена и предадена во дистрибутивниот систем.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во јули го укина надоместокот за мрежарина при предавање на вишокот произведена електрична енергија од обновливи извори, како што се фотонапонски електроцентрали кои што домаќинствата и малите потрошувачи ги имаат инсталирано, а се стекнале со статус на потрошувач- производител.
Целта е да се стимулираат потрошувачите да инсталираат фотоволтаични електроцентрали. „На овој начин сметаме дека ќе се поттикне голем број на домаќинствата да ги искористат поволните услови и во време на енергетска криза да си обезбедат електрична енергија од сопствени извори, во случајов од фотонапонски електроцентрали“, изјави неодамна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Со оваа одлука практично домаќинствата кои што инсталирале фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 6 кW и останатите потрошувачи кои што инсталирале фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 40 кW нема да плаќаат повеќе надоместок за користење на дистрибутивниот систем за вишокот на електрична енергија која што ја предаваат во мрежата.
Дојче Веле