Германците под притисок на инфлацијата: Свои бавчи наместо супермаркет

0
380

Цените на храната веројатно ќе продолжат да растат во наредните месеци. Сѐ повеќе семејства реагираат на инфлацијата и сакаат да бидат посамостојни – со зеленчук од сопствената градина.

„Добра сум во ова!“, вели гордо седумгодишната Анели Шретер, полевајќи ја свежо засадената зелена салата во градината. Семејството Шретер од оваа година е член на Здружението за градинарство Ландштул, во покраината Рајнланд-Пфалц. Семејството со три деца сака во иднина да одгледува зеленчук во својата градина. Помош за ова наоѓа во здружението за градинарство. Прво се вежба со дел во заедничка градина, а потоа треба да следи сопствена градина пред нивната куќа.

Бавча наместо супермаркет

Притоа, младото семејство не се занимава само со здрава, сезонска храна. 34-годишната Лиза Шретер мора и да внимава на издатоците поради зголемените цени на храната: „Морам да поминам низ неколку супермаркети и да ги споредам цените, бидејќи намирниците се многу поскапени. Двапати помислувам колку брокула сум ставила во кошничката за купување“.

Пред една година трошела по околу 100 евра за намирници за пет дена. Сега тие чинат 170 евра. Многу пари за семејството со три деца – иако и двајцата родители работат со полно работно време, семејството се храни главно вегетаријански и готви за себе.

Се зголемува трендот за храна од сопствено производство

Случајот на семејството Шретер не е осамен. Сабине Гинтер е претседателка на окружното здружение за градинарство во Кајзерслаутерн. Таа има преглед на ситуацијата во 23-те поврзани локални здруженија. Побарувачката за простор за сопствена градина е зголемена, особено во последните години, вели Гинтер.

Мотивацијата за тоа е разновидна. За време на пандемијата, многу семејства се приклучиле затоа што повторно добиле желба за градинарство. „Сега постои и несигурност предизвикана од војната во Украина, а зголемените цени на храната се исто така одлучувачки фактор за многу семејства повторно да одгледуваат свои култури, да станат понезависни“, вели Гинтер.

Лиза Шретер, мајка на три деца, веќе ги вари доматите за да можат да се користат во зима. Така се штедат пари, а освен тоа доматите имаат многу подобар вкус од оние купени во продавница, вели Шретер. Сојузната централа за потрошувачи, исто така, препорачува одгледување сопствено овошје и зеленчук како совет за заштеда во услови на зголемени трошоци за храна. Други совети се да се купува сезонско овошје и зеленчук и да се готви дома наместо да се консумираат поскапи готови производи.

ИФО: На повидок нема крај на поскапувањата

Саша Мерле, економист во минхенскиот ИФО-институт, може да го разбере трендот за одгледување на сопствено овошје и зеленчук. Според актуелните истражувања на институтот, потрошувачите во Германија мора да бидат подготвени на натамошни поскапувања на храната. Како и претходните месеци, трговците анкетирани од институтот изјавиле дека во следните три месеци ќе ги зголемат цените во трговијата на мало со храна.

„Ако зеленчукот се добива од своја градина, наместо од супермаркет, тоа сигурно ќе доведе до значително олеснување, зависно од тоа колку е скап зеленчукот во тој момент“, вели прогнозерот за инфлација Мерле. Бидејќи не се зголемени сите цени на зеленчукот: во јуни особено нагло пораснаа цената на доматите и краставиците, а цената на зелената салата дури и падна.

Политиката треба да им дава поддршка на семејствата

Мерле не се осмелува да прогнозира дали цените на храната ќе продолжат да растат до крајот на годината. Има неколку фактори кои играат улога во тоа, на пример дали граѓаните помалку купуваат поради актуелната ситуација.

Од друга страна, тоа зависи и од степенот до кој компаниите кои зависат од гас ги пренесуваат трошоците на своите клиенти. Сепак, Мерле претпоставува дека „цените на храната наскоро ќе достигнат врв“. Но, тоа не значи дека цените потоа ќе паднат.

Ова не се добри изгледи за мајката на три деца Лиза Шретер од Ландштул. Таа би сакала поголема поддршка од политичарите. Но, краткорочен детски додаток не би ѝ донесол ништо: „Семејство со повеќе од две деца наскоро нема да може да си дозволи ништо“, вели Шретер, која работи со полно работно време во дом за деца. Детскиот додаток мора значително да се зголеми, смета таа: „Доколку цените продолжат да растат, тоа ќе биде вистинска катастрофа за нас.“

 

Дојче Веле