Градоначалникот Кирил Пецаков ја поддржа кампањата за органодарителство

0
164

Во организација на националното здружение „Храбро срце“ денеска на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ се одржа пригоден настан по повод Светскиот ден на органодарителството.
Додека ние сме безгрижни и среќни, а вообичаните животни предизвици се наша главна преокупација, покрај нас има луѓе, за кои секој нов ден е исполнет со страв, неизвесност, очај и едно единствено прашање – Дали ќе слушнат позитивна вест дека е најден донор на органот кој им е потребен. Нивната единствена молитва е да оздрават, а нивната најголема желба е да живеат, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Во објавата градоначалникот додава:

Овие луѓе ја заслужуваат сета наша најискрена поддршка, за да ja продолжат нивната секојдневна борба и да им помогнеме да ја најдат својата шанса за подобро утре, за нив и нивните најблиски, со кои секојдневно ја споделуваат својата мака.
Пред се како човек, а потоа и како функционер кој работи за граѓаните, ме разочаруваат многубројните несреќни приказни и апели за помош на оние кои чекаат пресадување на органи. Од друга страна пак силно ме трогнуваат сите поединци и нивните семејства, кои се одлучиле да даруваат орган и на многу благороден начин да спасат нечиј живот. Се радувам што се повеќе имаме вакви позитивни примери на човекољубие и се надевам дека истите ќе придонесат за што поголемо ширењето на свеста за донирање органи.
Секој од нас може да ја поддржи капањата за органодарителството на здружението „Храбро срце“ и да ја пренесува пораката „Дарувај живот“. Со ова правиме еден важен чекор за да помогнеме, да спасиме и да излекуваме повеќе животи, но и да ја почитуваме и вреднуваме дарежливоста на донорите.
Ајде сите заедно да ја покажеме хуманоста како наша најчовечна особина, ајде заедно да покажеме дека може да ги избришеме солзите и да донесеме повеќе насмевки. Ајде заедно да зборуваме гласно, да се едуцираме и да ја подигнеме свеста за уште многу успешни трансплантации и уште многу спасени животи.
На настанот беа поделени флаери со информации и пораки во насока на зголемување на свеста за органодарителството.

извор: ФБ Кирил Пецаков