(ФОТО) Во родното место на великанот Чинго, во атарот на манастирот Св. Петка, се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“

0
222

Во родното место на великанот Чинго, во атарот на манастирот Св. Петка, вечерва, се одржа традиционалната манифестација „„Вечер на Живко Чинго“. Во рамки на одбележувањето беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката Анита Велкоска – ОДА за расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“, напиша на својот ФБ профил градоначалникот Кирил Пецаков.

Во продолжение ја пренесуваме објавата во целост:

Од година во година иста или слична сценографија за манифестацијата посветена на нашиот великан Живко Чинго. И верувајте навистина е тешко да се најдат зборови, фрази, метафори со кои секој 13ти август ќе се разликува од претходниот во изразувањето на нашата почит кон Живко Чинго. Но, зошто и би се разликувало. Едноставноста е одлика на совршенството, само патот да стигнете до совршенството е сложен. А, Чинго беше токму тоа – едноставен и совршен, со сите човечки доблести и маани. Тој беше полнокрвен човек, затоа беше и најголемиот раскажувач. Дозволете ми овде да истакнам дека тој беше и есенцијален Македонец. Зошто не можете да бидете Македонец – творец, а во својата уметност да ја немате планетарната универзалност. Таков беше и нашиот Чинго – Велгоштанец, Македонец и граѓанин на светот. Ние како политичка власт, отелотворена во Локалната самоуправа, имаме света должност да ја негуваме оваа традиција и засекогаш да го чуваме и негуваме споменот за Живко Чинго. Конкурсот за најдобар расказ е во самиот врв на македонските литературни манифестации, а со превод на повеќе странски јазици, зазема место и во светската литературна ризница.


Почитувани,
Дозволете ми во мое име и во името на Општина Охрид да ги упатам најискрените честитки на годинашниот лауреат, Анета Велкоска – ОДА за нејзиниот расказ „Зошто роботите не умеат да љубат“ и да и посакам долга и плодна кариера. А што се однесува до нашиот безвремен Живко Чинго, покрај оваа манифестација, бројните семинари, истражувања за неговиот лик и творештво или последното монументално дело „Книга за Чинго“ на професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, најдобар начин да не се заборави е да се чита неговото творештво. Верувајте ми. Неговите дела сите нас не прават подобри луѓе. Да е вечен споменот на нашиот драг Живко Чинго.

извор: ФБ Кирил Пецаков

фото: ФБ Кирил Пецаков