Избор на пол, боја на очи, коса, висина, физичка сила, врвна интелигенција, гени од каталог за идните родители. Таканаречените „дизајнерски бебиња“ се генетски манипулирани ембриони по желба на родителите кои може да се одлучат за физичкиот изглед, но и за многу други генетски „засилувања“ кои може да имаат несогледливи последици, пишува TRT Balkan.
Но, овој концепт колку и да звучи како веќе видено сценарио во научно-фантастичните филмови, се поверојатно е дека ќе станат реалност.
Етиката на менувањето човечки гени е многу дискутабилна. Штом една единка почне да се размножува, потоа истите гени ќе се прошират во популацијата. Освен медицинските дилеми и опасности тука е и проблемот на контроверзната евгеника, квази наука која се базира на расизам односно фаворизирање на одредени расни карактеристики за идните генерации на сметка на други.
Во август 2021 година Светската здравствена организација (СЗО) упати препораки да се стопираат сите истражувања кои ќе овозможат раѓање деца со изменети гени.
Како се менуваат човечките гени?
Техниката КРИСПР е најзаслужна за неславните експерименти со менување на човечката ДНК при ин витро оплодувањето. КРИСПР инаку е модерна иновација која треба да ги таргетира поединечните заразени и болни клетки, но не и да се користи за дизајнирање на гените по порачка.
Од една страна, според најдобрите замисли, со КРИСПР ќе се елиминираат однапред сите гени кои предизвикуваат карцином, или одредени гени би се измениле за да станат имуни на заразни, наследни и автоимуни болести.
Со КРИСПР може да се идентификува ДНК на многу болести и истата да се „избрише“ од организмот, што ќе доведе до блескави резултати во медицината и искоренување на многу заболувања.
Но, употребата во генетиката на луѓето, креирањето „совршени“ битија по нарачка на брачни парови, па дури и на истражувачки центри може да создаде неповратна ситуација на вештачка промена на еволутивниот пат на луѓето.
Што тргна наопаку?
Кинескиот научник Хе Џинакуи во 2018 година ги промени гените на ембрионите на две близначки. Преку вештачко оплодување родителите прифатиле да бидат дел од процедурата. Џинакуи преку генетски инженеринг ги отстранил гените кои се однесуваат на ХИВ, колера и мали сипаници.
Но, „еволуцијата“ на Џинакуи не траеше долго. По силниот притисок на меѓународната научна заедница тој беше уапсен од кинеските власти и изминатите три години ги помина во затвор. Се тврди дека тој во една фаза размислувал за отворање на „дизајнерски клиники“, каде би се креирале ГМО ембриони по нарачка.
Идентитетот на децата родени со изменети гени е строго чувана тајна иако научниците бараа пристап за да можат подобро да ги заштитат и да ги опсервираат за можни трајни последици по здравјето и животот.
Засега најлиберални услови за промена на генетиката има во Велика Британија со дозвола од највисокото тело за етика на земјата, ако се користи за заштита на здравјето на бебето.
„Советот за биоетика на Нуфилд рече дека промената на ДНК на човечки ембрион може да биде „морално дозволена“ доколку тоа е во интерес на идното дете и не влијае на различните нееднаквости кои веќе го делат општеството“, пренесува Гардијан.
Токму заканата за нееднакви можности на различните слоеви на општеството е уште една причина за забрана за „ГМО“ интервенции во човечката ДНК. Но, тоа барем засега нема да ја успори науката за менување на гените.