Автопатот „Тракија“ кај Бургас е затворен за сообраќај откако се запали автобус кој превезувал 50-тина патници, пренесуваат бугарските медиуми. Инцидентот се случил околу 17 часот, а на терен интервенирале две противпожарни возила.
Информација за повредени патници нема, а како што објави „Нова“ повикувајќи се на сведоштво на возачот на автобусот, тој застанал и ги симнал сите патници, откако видел дека нешто чади.
Сообраќајот се пренасочува по заобиколните правци, а само најлевата лента на автопатот кон Софија е отворена за сообраќај.
На истиот автопат, но кај Стара Загора вчера околу 20 часот по локално време, автобус со српски регистарски таблички излета од автопатот „Тракија“ во Бугарија и се преврте во ендек.
Во автобусот имало 38 деца и 11 возрасни. Децата биле учесници на фестивал во Несебар. Патувале од Несебар и се членови на фолклорниот ансамбл ЈУ-ЛИРА од Србија.