Ќулавкова во 3 точки и за најмалку 5 препораки – методолошки: Се проблематизира македонскиот идентитет

Ќулавкова во 3 точки и за најмалку 5 препораки – методолошки: Се проблематизира македонскиот идентитет

Академик Катица Ќулавкова детално ги посочува сите скриени и апла видливи намери во Препораките на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања за престројување на целата македонска историја по бугарски терк.

„Препораките на ‘Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија’, објавени денес, 15 август 2022, се повеќекратно сомнителни (научно, политички, развојно) и особено штетни во однос на востановените македонски историски наративи и националниот уставен кодекс.

Ќе упатам само на неколку проблематични места:

Прво, секоја нација при своето конституирање е рефлексија на одредена самосвест и на сплет од изградена колективна, митска, научна и политичка историска свест. Промената на востановената историска свест и национална самосвест е симптоматична. Таа обично се случува во периоди на длабока општествена и институционална криза. И овој актуелен упад во востановената македонска национална самосвест и научно заснована историска свест е симптом на општествена криза. Општествената криза неминовно ќе се одрази негативно врз постојната институционална структура и суверенитет на македонската држава.

Второ, политичкото инсистирање да се усогласат заеднички препораки за т.н. заедничка историја е удар врз интегритетот на научната мисла и ја спречува слободата на толкување на историските факти, личности, настани и процеси. Оваа ‘експертска комисија’ го црпи својот легитимитет од политиката, не од науката. Нејзините препораки не се научни референци и како такви повеќе зборуваат за самата функција на комисијата отколку за македонската и историјата на балканските простори, народи и култури. Препораките се одглас на еден тоталитарен и заробен ум, никако плод на научно засновано толкување на сложените историски процеси на Балканот.

Балканот, како подрачје на коешто владееле големи империи и цивилизации, логично е и подрачје на коешто сите народи ги споделувале владејачките империјални, колонијални и цивилизациски стандарди. Може да се зборува за ‘споделени места на меморија’ на балканските народи, но не и за ‘заедничка историја’. Тоа се две различни категории.

Од друга страна, постојат и несподелени историски настани и периоди, односно различни начини на колективно доживување на историјата: на еден начин се доживува истата епоха (античка македонска, античка римска, византиска, отоманска) од владетелите, а на друг од освоените, потчинети и поробени народи.

Методолошки, не може современиот политички интерес да ги менува произволно историските и националните приказни/толкувања влезени во Уставот и неговата преамбула. Тоа се култни места и нивната ревизија се доживува како трауматична за Македонците и како агресија врз нивната историска и национална свест.
Од друга страна, постојат и несподелени историски настани и периоди, односно различни начини на колективно доживување на историјата: на еден начин се доживува истата епоха (античка македонска, античка римска, византиска, отоманска) од владетелите, а на друг од освоените, потчинети и поробени народи.

Методолошки, не може современиот политички интерес да ги менува произволно историските и националните приказни/толкувања влезени во Уставот и неговата преамбула. Тоа се култни места и нивната ревизија се доживува како трауматична за Македонците и како агресија врз нивната историска и национална свест.

Трето, Препораките ‘ни дозволуваат’ нам, на Македонците, да ги прославуваме своите домицилни историски личности само под услов ако ги третираме како бугарски. И во врска со препорачаниот третман на Цар Самуил се насетува истата намера да се признае неговиот и на неговото царство, бугарски карактер, потекло и припадност.

Дали само мене ми се чини дека со Препоракиве се сугерира идејата дека Македонците немаат право самостојно да ги слават своите национални и историски вредности, па затоа од нив се бара да ги слават само заедно со Бугарија? Дали повторно некој ни кажува дека немаме своја историја?

Препораките се само уште еден обид да се проблематизира македонскиот идентитет, неговото потекло, историски развој и легитимитет. Дури и не се обидува да биде некаква софистицирана и научно поткрепена мимикрија. Напротив. Толку се површни и очигледни во својата намера, што е веќе дегутантно да се коментираат“, коментира Ќулавкова од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

vesnik.com