More

    Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи на 10 или 11 септември, АМС и Општината ќе обезбедат пари

    Ќе има и ќе најдеме начин да го организираме Охридскиот пливачки маратон, порача градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

    Пецаков информира дека со помош на Агенцијата за млади и спорт, која ќе го покрие наградниот фонд од 10.000 евра, како и со помош од други спонзори, Охридскиот маратон сепак ќе се одржи.

    Одржувањето на маратонот се планира за 10 или 11 септември, оти пливачите моментално се на Европско првенство во Италија по што следи уште еден маратон во Капри.

    Охридскиот маратон не е само спортска манифестација тој е многу повеќе од тоа, тој е чувство вкоренето во секој охриѓанец. Радосен сум бидејќи Охридски пливачки маратон ќе има, иако пред нас излегоа пречки. По вчерашниот координативен состанок на сите засегнати страни, откако заврши состанокот се донесоа следните заклучоци: Наградниот фонд ќе биде покриен од Агенцијата за млади и спорт, а за сите останати трошоци поврзани со одржувањето на маратонот, Советот на Општина Охрид ќе донесе одлука за доделување на два милиони денари од страна на Општината, изјави Пецаков.

    Тој најави дека ги известиле пливачите за условите што ќе бидат обезбедени од нивна страна, но и за условите од самото пристигнување во Охрид и добиваат позитивни одговори.

    Пецаков соопшти дека сè уште нема официјална бројка на пливачи кои ќе учествуваат, но дека засега се околу 20. Тој најави дека од следната година ќе биде овозможена уште поголема поддршка за овој настан и дека доколку заинтересираноста од спонзорите остане иста, маратонот ќе функционира без да зависи од државна или општинска поддршка.

    Мојсовски рече дека ќе бара одговорност од сите и оти Финансиска полиција веќе е „влезена“’ во Пливачката федерација.

    Веќе се бараат одговорности и за претходниот претседател Александар Маленко. Имало пријава од пред околу 15 дена од хотел „Метропол“ од минатата година, што не платил, истакна Мојсовски.

    На новинарско прашање дали при вчерашната посетата на Струга и присуството на Струшкиот ракометен турнир на претседателот на државата Стево Пендаровски, побарал средба со него охридскиот градоначалник Пецаков даде негативен одговор.

    Мојсовски од своја страна појасни дека шефот на државата присуствувал на турнирот во Струга на негова покана „за да разговараат за Охридскиот пливачки маратон“ и дека претседателот Пендаровски „застанува зад маратонот“.

    Овие проблеми не се од сега и се од поодамна. Не знаеме колку точно е трошокот на овој маратон. Јас имав уште пред 10 дена средба со Пливачката федерација и тие истакнаа некои цифри, да кажам, извадени од ракав, порача Мојсовски.

    Претходно, Кабинетот на претседателот соопшти дека донел одлука маратонот, кој традиционално се одржува под покровителство на шефот на државата, да не се одржи, а како причина за тоа беа наведени „блокираната сметка на Федерацијата и финансиското работење на претходното раководство“.

    Годинава се одбележува 60-годишниот јубилеј на Охридскиот маратон.

    фото: Архива

    spot_img
    spot_imgspot_imgspot_imgspot_img
    spot_img

    Последни Вести

    spot_imgspot_img

    Слични Вести

    Skopje
    overcast clouds
    15.8 ° C
    15.8 °
    15.8 °
    88 %
    1kmh
    100 %
    Mon
    18 °
    Tue
    23 °
    Wed
    26 °
    Thu
    25 °
    Fri
    28 °
    spot_imgspot_img