(ВИДЕО) Археолозите го пронашле родното место на Свети Петар, според откриениот мозаик во северен Израел

Археолозите ископувајќи ги урнатините на црквата од 1 век во северен Израел открија мозаик со натпис на старогрчки, а кога го преведоа текстот открија дека тоа е молитва до Свети Петар, што сугерира дека црквата била изградена во спомен на неговиот дом во градот Бетсаида.

Се верува дека скриените натписи на мозаикот пронајден во црквата на апостолите даваат силен доказ дека она што сега е ел-Арај во северен Израел е всушност изгубениот библиски град Бетсаида во кој е роден апостол Петар, пишува британски Дејли Меил.

Напишано на старогрчки, посветата е молитва за посредување до „главниот заповедник на небесните апостоли“, а познато е дека Петар бил првиот од Исусовите следбеници.

Мозаикот за прв пат беше откриен во 2021 година кога археолозите ископуваа црква од византиската ера, но беше заматен од слоеви кал за кои беше потребно време внимателно да се отстранат.

Покрај тоа што е извонредно само по себе, ова откритие може да ја реши и дилемата дали Петар е роден во Витсаида или во Капернаум – и двете се споменати во Библијата како негови потенцијални родни места.

Натписот сочинува дел од мозаичниот под во сакристијата на црквата, кој е делумно украсен со цветни дезени и врамен со кружен медалјон од два реда црни коцки (тесери).

Археолозите долго време ја оспоруваат локацијата на родното место на Свети Петар, бидејќи мислењата се поделени меѓу Витсаида и Капернаум, кој исто така се наоѓа на северниот брег на Галилејското Море, но на западната страна, додека Витсаида е на исток. Во Евангелието според Јован 1.44 пишува: „А Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар“.

Меѓутоа, светата книга исто така вели дека Исус ги сретнал Петар и Андреј за прв пат во Капернаум и тоа сугерира дека е можно браќата да живееле таму.

Стивен Нотли, археолог од колеџот Њујорк, вели дека ова откритие е најголемиот показател дека Петар имал посебен однос со базиликата и дека најверојатно му била посветена нему.

– Бидејќи византиската христијанска традиција рутински го идентификувала домот на Петар во Витсаида, а не во Капернаум како што често се мисли денес, се чини веројатно дека базиликата ја означува неговата куќа – вели археологот.

Урнатините на црквата одговараат и на приказната за свети Вилибалд, родум од Англија и баварски епископ, кој ја посетил областа околу 725 година на аџилак и рекол дека црквата Бетсаида била изградена на местото на домот на Петар и Андреј.

– И оттаму отидоа во Вицаида, резиденцијата на Петар и Андреа, каде што сега има црква на местото на нивната куќа – напишал епископот додека патувал по брегот Кинерет.

– Таму останаа таа ноќ, а следното утро отидоа во Хоразин, каде што нашиот Господ ги истера демоните.

Според Вилибалд, Бетсаида се наоѓа помеѓу библиските локалитети Капернаум и Курсија. Професорот Мордохеј Авиам, еден од главните археолози на ова ископување, рече дека една од целите на ова истражување е да се провери дали на локалитетот има слој од 1 век.

– Ова ќе ни помогне да ја лоцираме библиската Бетсаида. И не само што најдовме значајни остатоци од овој период, туку ја најдовме и оваа важна црква и манастирот околу неа – рече Авијам.

Се верува дека црквата била уништена во земјотрес во 749 година и дека била мистериозно „закопана“ и најверојатно била изгубена, а подоцна и заборавена.

Нотли и Авиам, сепак, веруваат дека мозаичниот под би можел да биде доказот што им е потребен за да го убедат светот дека византиската структура е навистина она што го спомна свети Вилибалд.

Христијаните го препознаваат Свети Петар, првично рибар, како еден од првите следбеници на Исус и водач на раната црква по вознесението. Според Евангелието, Исус го видел Петар додека ловел риба на езерото и Исус го повикал со зборовите: „Следи ме, ќе те направам рибар на луѓе“.

Петар е познат по тоа што му го отсекол увото на еден римски војник кој се обидел да го уапси Исус по наредба на Понтиј Пилат.

Кога Исус Христос бил суден, Петар трипати го одрекол, но кога Исус еднаш го погледнал, Петар веднаш почувствувал срам и покајание во својата душа. Петар поминал околу триесет години во свештеничка служба, а потоа отишол во Рим, градот каде што станал маченик. Бил распнат наопаку бидејќи верувал дека, поради неговите заслуги, нема да го следи истата смрт како Исус.

 

 

Фото: Youtube – screenshoot/денови.мк