Бизнисите бараат спас во фотоволтаиците – 45 MW се инсталирани, но не се приклучени на мрежата

Стопанствениците бараат спас во фотоволтаиците од енергетската криза и вртоглавиот раст на цената струјата, но 40 до 45 мегавати што се инсталирани или се инсталираат, се уште чекаат на приклучок на мрежа. Стопанствениците тврдат дека сите тие имаат дозвола за приклучок, но поради административни пречки нивното приклучување не се реализира. По законските измени за поставување на фотонапонски централи сите бараат спас од високите сметки за електрична енергија, но на патот кон постигнувањето на оваа цел искрснуваат повеќе дилеми и препреки, кои во моментов тешко се премостуваат.

Се чека за приклучок на мрежата

Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати. Заклучно со април 2022 година Регулаторната комисија за енергетика има издадено 36 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со инсталиран капацитет од 12,7 MW.

Компаниите преку инвестирање во фотоволтаичните електрани можат да обезбедат струја за сопствени потреби, или пак да ја продаваат. Пред да добијат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) треба да поминат низ сложена процедура и да обезбедат куп документи.

„Во моментов во земјата има 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, но, чекаат на приклучок на мрежа“, реагираат од Стопанската комора на Македонија, откако вакво предупредување испрати и Македонската енергетска асоцијација (МЕА). Поради тоа се бара ЕВН и сите субјекти кој што се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици, а да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата.

Од ЕВН за Дојче веле неодамна потврдија дека расте и интересот и кај бизнисите и кај граѓаните за менување на броилата и поставување на фотоволтаични системи на покривите за производство на електрична енергија за сопствени потреби или за продажба. Интерес има, но институциите кубурат со кадри и капацитети. ЕВН моментално се соочуваат со преголема ангажираност на ЕВН Електрани и на под-изведувачите, како и недостиг на капацитети за изведба на проекти на пазарот. ЕВН Македонија преку своите компании ќерки ЕВН Електрани и ЕВН Снабдување, единствено на пазарот нуди комплетна услуга по принципот ‘Клуч на рака’ која вклучува снабдување со електрична енергија, како и откуп на вишок произведената електрична енергија, водење на постапка за целосно обезбедување на документација, дозволи и лиценцирање на централите, како и нивна регистрација во надлежните институции

Законски измени

Стопанствениците бараат од Владата да ја врати и Уредбата која беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата. Уредбата која што беше донесена во услови на кризна состојба предвидуваше, произведената електрична енергија од повластените производители да оди само кон индустријата, а не и кон домаќинствата, со што се овозможуваше индустријата да обезбедува од 15% до 17% од потребите за енергија од домашни обновливи извори, чија цена беше помеѓу 90 и 110 евра. Тоа беше и единствена мерка за поддршка на индустријата во делот на набавка на енергенси со поповолни услови. Со укинување на таа Уредба енергијата произведена од обновливи извори наменета за индустријата се намали за цели 8 процентни поени и сега изнесува од 6% до 7%, што значи со губењето на енергија од обновливите извори за потребите на индустрија производните трошоци на компаниите ќе растат.

Бизнисите бараат и измени во Законот за градба, со цел легализирање на индустриски објекти само со Г намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени согласно веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини. Ваквото барање е поради тоа што постојат многу индустриски објекти и производни хали, кои се изградени согласно урбанистичките планови, на сопствено земјиште, меѓутоа за нив немаат обезбедена градежни дозволи и се водат како нелегални (без градежна дозвола), а сепак ги исполнуваат сите услови.

Но, за да се постават фотоволтаици на крововите од индустриските објекти, потребно е да се поседува градежна дозвола што значи да биде легален објект, за да можат да ги создадат условите да постават фотоволтаици.

Министерот за економија Крешник Бектеши во повеќе наврати најави измени во Законот за градба, кој ќе претрпи измени со цел да се поедностават процедурите и да се за стимулира зелената енергија. Тој очекува до крајот на годината да има 150-170 киловат часови инсталирана моќност од ваква инвестиција од домаќинствата и компаниите.

Стопанската комора во последните барања до Владата, инсистира и Регулаторна комисија за енергетика треба да подготви правилник за организирање дистрибутивни мрежи, бидејќи со зголемување на инсталираната моќност од фотоволтаиците ќе настане потреба од градење на 110 киловолтни трафостаници, а на нив ќе има можност да се приклучат и други производители.

Порачуваат дека е неопходно да се спречат излоупотребите на стопанските субјекти кои се префрлаат на универзален снабдувач, а при тоа ги исполнуваат условите да бидат на слободен пазар. „Тоа е работа на Регулаторна комисија за енергетика, која при вака констатирани злоупотреби треба да му даде налог на ЕВН да се прекинат, бидејќи со таквата злоупотреба се прават две штети. Прво се ставаат економските субјекти во нерамноправна положба и второ непотребно се оптоварува ЕСМ“, појаснуваат од Стопанската комора.

Драматични прогнози

Со оглед на најавите дека не чека една од најстрашните зими во услови на длабока економска и енергетска криза, Стопанската комора бара од Владата да се зголеми домашното производство на електрична енергија и да се искористат сите можни ресурси. При тоа смета дека набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино треба да има апсолутен приоритет веднаш. „Во спротивно ќе се случат рестрикции што негативно ќе се одрази на континуирано производство на домашната економија“, велат од Стопанската комора.

Владата најави пакет мерки за институциите, препораки за граѓаните и прогласување на кризна состојба во енергетиката од 1 септември, во пресрет на тешката зима. Мерките ќе бидат на сила до 31 март 2023 година. Засега нема најава за рестрикции на струја, но се најавува зголемување на домашното производство на струја за да се ублажи кризниот удар.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на прес-конференцијата во Владата (16.08) рече дека компанијата работи со максимален капацитет и оти потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство. ЕСМ моментално ги снабдува домаќинствата и компаниите со струја од домашно производство и не се увезува струја. Активни се сите производни капацитети – се увезува само јаглен, мазут и природен гас.

 

Дојче Веле