Празни места на факултетите за нови бруцоши

Од 23. факултети што се во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, четири нудат по над илјада слободни места за студенти кои би се запишале во прва година во академската 2022/2023. Природно-математичкиот (ПМФ), Филолошкиот, Правниот факултет и ФИНКИ заедно располагаат со 4.535 места за бруцоши, или 41,53 отсто од вкупно 10.918 предвидени во Конкурсот на УКИМ за новата студиска година.

ПМФ има најмногу слободни места (1275), нуди 28 студиски програми на кои може да се запишат бруцоши – 655 места се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 445 за редовни кои плаќаат школарина и 175 слободни места за вонредни студенти.
– Најголем интерес во последните неколку години има за студиите по биологија, особено за студиските програми Биохемија и физиологија и Молекуларна биологија со генетика. Постои растечки тренд и во бројот на студенти кои се одлучуваат да студираат хемија на студиската програма Применета хемија – аналитичка биохемија – изјави за МИА проф. д-р Александар Скепаровски, декан на ПМФ.
Од оваа учебна година на студиите по биологија се нуди нова студиската програма Екологија и животна средина (тригодишни студии). Минатата учебна (2021/2022) година започна со реализација студиската програма Менаџмент и заштита на културното наследство на Институтот за етнологија и антропологија.
fakulteti.mk