Ковачевски: Струјата е субвенционирана од државата, спречуваме ценовен шок со континуирани мерки

Премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето на вестите на Сител телевизија во врска со енергетската криза истакна дека пред нас претстои најтешката зима после Втората светска војна, но дека државaта мора да обезбеди напречно функционирање на сите основни функции, на здравствениот систем како и на безбедносниот систем. Дополнително, веќе институциите ги применуваат мерките за штедење на електрична енергија, најосветлена зграда во државата е зградата на Владата, а тоа од денес или утре веќе нема да биде случај, рече Ковачевски.

„Уште од месец мај зборувам дека пред нас е најтешката зима во поглед на енергетската криза и во поглед на ценовната инфлација. Тоа веќе сите го живееме. Ако ги погледнеме цените на берзите на електрична енергија денес тие се 640 евра за мегават час, а фјучерсите за четвртиот квартал оваа година и за првиот квартал идната година веќе се движат на илјада евра за мегават час. Тие податоци за цените укажуваат дека во Европа има недостаток на електрична енергија“, рече Ковачевски и додаде дека сите држави во Европа, вклучувајќи ја и нашата земја веќе носат мерки за штедење на електрична енергија, како и за штедење на други енергенси.

Премиерот Ковачевски истакна дека живееме во либерална економија, во која што пазарот ги диктира цените, исто како што ги диктира производите на широка потрошувачка, а тоа се однесува и на енергетскиот сектор.

„Она што ЕСМ како државна компанија го презема врз себе, тоа е да обезбеди електрична енергија по најповолна цена, а државата согласно своите можности да ја субвенционира во најголем дел таа електрична енергија со цел да се спречи ценовен шок“ истакна Ковачевски и додаде дека Стопанската Комора даде свои барања кои Владата ги разгледува со големо внимание.

Премиерот Ковачевски истакна дека државата континуирано ја следи состојбата и во таа насока, со ребалансот веќе се обезбедени 76 милиони евра за антикризни мерки кои што како пакет се подготвуваат за четвртиот квартал во Министерството за финансии и другите ресорни министерства.

„Веќе се обезбедуваат средства за одржување на ликвидноста во електроенергетскиот сектор, при зголемена цена на енергенси, при зголемена цена на електрична енергија, бидејќи да не заборавиме ние дел од електричната енергија ја увезуваме и тоа историски ја увезуваме. Работиме на ставање во функција на сите капацитети кои што државата ги има. Денеска имав состанок со задолжените во електроенергетскиот сектор, на кој што веќе работиме на конкретни активности за реализација на она што веќе беше поставено како план. Веќе се работи на прогласување на енергетска криза. Во контакт сме со другите институции во државата, со Претседателот на државата, и со Собранието, бидејќи сите мора да бидат информирани за ситуацијата во која што се наоѓа Европа, а ние сме дел од Европа. Она што го правиме е со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во текот на целиот зимски период, односно во текот на целата зимска сезона. Пред нас е и прашањето со затоплувањето на Скопје, а знаете дека градот Скопје одби да се занимава со тоа прашање, иако тоа е комунална услуга која што треба да ја извршува градот Скопје и затоа веќе се подготвува преземање со снабдувањето. Доколку обезбедиме ТЕ-ТО да работи, тогаш јас не очекувам зголемување на цената на топлинската енергија во градот Скопје. Сега ги правиме калкулациите, меѓутоа верувајте дека тие калкулации се менуваат дневно, како што се менува цената на електричната енергија на светските берзи, бидејќи дел од електричната енергија која што граѓаните ја добиваат субвенционирано, а тука пред сè мислам на загубите во електроенергетската мрежа, особено во месеците кои што се дел од есента, зимата и пролетта, се менуваат на слободен пазар и по субвенционирана цена се даваат на електроенергертските компании. Откако ќе бидат направени сите пресметки за тоа колку ќе бидат потребни финансиски средства, нормално дека како и до сега ќе бидат споделени со јавноста“, рече Ковачевски.

извор: Влада

фото: Влада