Ревизорите не им веруваат на финансиските извештаи на МВР

Министерството за внатрешни работи не води поединечна евиденција за тоа колку пари заработува од издавање на пасоши, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, регистарски таблички и други останати обрасци, покажуваат финансиските извештаи од извршената ревизија на министерството што денеска ги објави Државниот завод за ревизија, а се иднесува на 2020, година која во најголем дел помина во вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот, објави ТВ 24. 

Затоа, од заводот изразуваат мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи со законите, упатствата и воспоставените политики.

„Надоместоците за издадени пасоши, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, регистарски таблички и останати обрасци, уплатени преку ПОС терминалите на деловната банка, се евидентирани збирно и нема податоци за кој вид услуга е извршено плаќањето, ниту кој ја платил услугата.“ – велат од Државен завод за ревизија.

Освен ова, Државниот завод за ревизија, меѓу другото, констатирал дека иако полицијата има Упатство во кое е уреден начинот на нарачка, прием и евидентирање на регистарски таблички при прием и издавање, сепак МВР нема определено начин како треба да се вреднуваат залихите на материјалите.

„Во 2020 година воспоставен е начин на директна нарачка на регистарски таблички од страна на СВР, без склучување на поединечни договор-нарачки меѓу Министерството и носителот на набавката. При спроведување на постапката за јавна набавка за изработка и испорака на регистарски таблички не се обезбедува доволна конкуренција помеѓу економските оператори и не е воспоставено количинско следење на набавките.“ – велат од Државен завод за ревизија.

Текстот во целост на: ТВ 24.