Православните верници денеска ја слават Пресвета Богородица, а интересна појава, која науката се уште не ја објаснила, е поврзана со овој празник на грчкиот остров Кефалонија. Додуша – не за денеска, 28 август, туку за 15 август, кога се празнуваше Пресвета Богородица по стариот календар. Во тоа време, секоја година, голем број змии доаѓаат во црква, што ги навело имагинативните мештани да изградат бројни легенди.
Островот Кефалонија е најголемиот остров на Јонското Море, кој покрај прекрасните плажи е посебен и по ретката појава што се случува секој 15-ти август во селската црква Маркопулос.
Секоја година на празникот Успение на Богородица, во црквата Пресвета Богородица Фидуса пристигнуваат стотици змии. Според локалните жители, тие обично доаѓаат овде ден-два пред празникот и остануваат таму додека не се отслужи литургијата. Со завршувањето на литургијата, овие влекачи тргнуваат по својот пат.
Легенди за змии
Не е познато кога змиите првпат се појавиле во црквата, но жителите на овој остров раскажуваат приказни кои одат длабоко во минатото.
Според нивните тврдења, дури и кога Грците се префрлиле на новиот календар, кој бил поместен тринаесет дена напред – змиите решиле да го следат стариот календар и се појавиле на 15 август.
Покрај оваа приказна, постои и локална легенда која опишува зошто се случил овој феномен. Легендата вели дека во 13 век пиратите го зазеле островот и се обиделе да влезат во манастир полн со калуѓерки. Како што раскажува приказната, во тој момент се појавиле змии кои ги преплетувале телата и формирале ѕид помеѓу пиратите и манастирот. Набргу потоа, преплашени од оваа глетка, пиратите ги кренале едрата и побегнале.
Една верзија дури вели дека калуѓерките, во страв од инвазијата на пиратите и нивните злосторства, побарале од Бога да ги претвори во змии. Според легендата, нивните молитви биле одговорени и така биле спасени. Оттогаш тие доаѓаат овде да го прослават празникот по кој црквата го добила името.
Стаклени кутии
Според очевидци и жители на ова и околните места, змиите се мали по големина – не подолги од еден метар и сива боја. Она што ги карактеризира е тоа што не се плашат од луѓе. Се појавуваат секоја година приближно во исто време, најмногу околу иконата на Богородица.
Во последно време мештаните и свештенството за нив направија стаклени кутии во кои свештениците за безбедност ги кријат. На крајот од литургијата свештениците ги вадат змиите и верниците можат да ги допрат, а овој чин се смета за еден вид благослов.
Забележани се обичаи каде луѓето ги ставаат на глава и ги оставаат да ги лазат по телото бидејќи веруваат дека ќе им донесат среќа. Инаку, нивното грчко име е агиофид, а преведено значи „света змија“.
Грците бележат дека змиите не се појавиле само два пати, бидејќи тие ја следат оваа појава. Првиот пат – во 1941 година, пред окупацијата во Втората светска војна, а вториот пат – во 1953 година, кога Кефалонија беше погодена од разорен земјотрес. Затоа, многу од нив веруваат дека ако не се појават змии – таа година може да очекуваат некој немил настан. Овој феномен е толку популарен во Грција што го покриваат бројни медиуми.