АД ЕЛЕМ преку продажба на евтина струја во ноќните часови по цена половична од берзанската за само месец и половина овозможила скоро 1 милион евра заработка на трговци со струја. Овие двајца трговци на струја чии податоци можеме да ги видиме од официјалните статистики за продажба на ЕЛЕМ, ЕТМТ Енерги и ДАНСКЕ КОМОДИТИС ДООЕЛ чии линкови водат до СДСМ или сестрински партии до СДСМ, струјата која ја купувале под берза од АД ЕЛЕМ ја продавале со 60% маржа, изјави на прес конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Во услови на криза, овие две компании поради неукоста и криминогеноста на АД ЕЛЕМ нижат дебели профити, наместо истата струја АД ЕЛЕМ да ја понуди на македонското стопанство или на општините за осветлување. Каква е врската помеѓу ЕЛЕМ, албанската енергетска компанија КЕШ, компанијата ЕТМТ Енерџи и компанијата од Тирана ЕНЕРТРЕЈД? Дополнително, каква е врската помеѓу АД ЕЛЕМ и ДАНСКЕ КОМОДИТИС? За овие прашања СДСМ нема одговор.
Дополнително е сомнително тоа што, АД ЕЛЕМ има сопствено претпријатие за трговија со струја, ЕЛЕМ Трејд, кое може да се јави како купувач на струјата на АД ЕЛЕМ, а потоа и препродавач на домашни и странски пазари. Несфатливо е зошто во ек на енергетска криза, кога се бара мегават час повеќе, АД ЕЛЕМ не ја врши трговијата само, туку тоа го остава на трговци кои нижат милиони. Зошто наместо добивката од милион евра што ја направиле двете фирми купувачи на струјата на АД ЕЛЕМ да остане во претпријатието таа се одлеала кон странство?
Се поставува основан сомнеж за однапред договорена работа и свесно внесување на АД ЕЛЕМ и Македонија во целост во оштетена положба.
Овој случај ќе биде предмет на детална истрага по промената на власта затоа што преку ваквото несовесно работење кое резултира со зделки и заработка на милиони евра на трговци, штетата е на грбот на стопанството кое во овие моменти на енергетска криза плаќа струја и до 800евра за мегават час. Фирмите затвораат, луѓето остануваат без работа, сметките за струја се од месец за месец непредвидливи, а само власта е таа која заработува, рече Митева.
фото: Архива