Денес, Република Македонија го слави 8ми септември – Денот на независноста. Нашата држава одбележува 31 година од прогласувањето на својата независност, по успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На 8 септември 1991 година, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот одговорија позитивно на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
На референдумот му претходеше Декларација за независност која беше усвоена на 25 јануари 1991 година од страна на првиот повеќепартиски македонски Парламент. Волјата на народот за самостојна држава беше потврдена и со Декларација за прифаќање на референдумските резултати, потпишана на 18 септември 1991, во Собранието на Република Македонија.
Понатамошен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година додека меѓународно правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година. Тогаш со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на светската организација.