Чавушоглу ја предупреди Грција: „Ако се впуштите во авантура во име на други, ќе ги трпите последиците“

Министерот за надворешни работи на Туркије (Турција), Мевлут Чавушоглу, во врска со неодамнешниот однос на Грција кон Туркије, рече дека Грција продолжува со провокации и ако се впушти во авантура во име на други, ќе ги сноси последиците, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот Чавушоглу говореше на отворањето на симпозиумот за Битката кај Сакарија и Хајмана во рамките на манифестацијата „Последната тврдина Хајмана во националната борба“ што се одржа во главниот град Анкара.

Битката кај Сакарија се одвиваше на бреговите на реката Сакарија, во непосредна близина на турскиот главен град Анкара. Бојното поле, Полатли, беше на само 80 километри од Анкара.

Изјавувајќи дека топовите се слушнале од Анкара додека се одвивала Битката кај Сакарија и Хајмана, Чавушоглу рече:

„Затоа последното упориште во националната борба се овие земји. Овде ја спасивме Анадолија, древната турска земја, од грчкото злосторство. Сега, кога ние се обидуваме да ги почитуваме правата на соседите на двете страни на Егејот, Грција продолжува со провокации. Ако се впуштите во авантура во име на други, ќе ги трпите последиците. Ова е предупредување до соседот Грција.“

Чавушоглу истакна дека иако турската нација била уморна во војната која траела со години, турската армија успешно го поминала овој голем тест заедно со својата нација и вербата.

„Затоа треба да се избегнат неодговорните однесувања. Посебно ова ѝ го кажуваме на Грција. Немојте да бидете туѓа алатка. Не продолжувајте со провокациите бидејќи пријателството на Туркије е вечно, а нејзиното непријателство е многу опасно. Не заборавајте и на тоа“, нагласи Чавушоглу.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).