Aрсовска вели „Никој не сака да ми биде портпарол“, а град Скопје ќе потроши 100 илјади евра за билдање на нејзиниот рејтинг преку ПР агенција

На вчерашната прес-конференција организирана од страна на поранешниот директор на „Водовод“, Златко Перински, на која Данела Арсовска „упадна“, градоначалничката на град Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со транспарентноста на општината, вели дека никој не сакал да биде портпарол.

„Па еве ме денеска се појавив, имаме и други прес-конференции и утре ќе имаме, можете се да ме прашате“, рече Арсовска.

„Па никој не сака да биде портпарол. Еве ајде дојдете вие бидете портпарол на Градот“, им рече Арсовска вчера на новинарите што ја следеа прес конференцијата на разрешениот директор на Водовод.

Инаку во услови на криза градот Скопје склучи договор со маркетинг агенција вреден сто илјади евра кои има за цел да го билда рејтингот на градот Скопје и градоначалничката Арсовска. Договорот е склучен со маркетинг агенцијата Елемент ПР, а истиот е објавен пред неколку денови, објави skopjeinfo.mk.

Во услови на општа светска и економска криза, градот одлучува да потроши пари на граѓаните за како што стои во предметот на набавката „подготовка и имплементација на подготовка на кампањи за посебни проекти на активностите на град Скопје“. Времетрањето на договорот е 12 месеци.

За износ од сто илјади евра, како што е наведено во договорот, агенцијата се обврзува да обезбеди реклама на автобуси, телевизии, веб портали и билборди.

Се поставува прашањето, дали во услови на штедење и криза, неопходен е ваквиот луксуз на градската администрација.

фото: Архива