И директорот на Лајка понесе оставка, образложува дека нема поддршка од страна на Град Скопје

0
221

И директорот на ЈП „Лајка“, Воислав Димитровски преку Фејсбук ја објави оставката, во која образложува дека тоа го прави поради „недостатокот на поддршка од страна на Град Скопје, претпријатието има континуирано блокирани сметки, каснење во исплатувањето на платите, вклучително и во конкретниот месец нема исплатено плата на вработените поради непрефрлени средства од Градот кон ЈП „Лајка“ за извршени услуги“.

На функцијата в.д. директор беше назначен од скопската градоначалничка Данела Арсовска пред 10 месеци, а на предлог на здруженијата за заштита на животните, ветеринарната фела, ВМРО- ДПМНЕ и членките на Зелен Хуман Град.

Вели дека јавното претпријатие го затекнал во хаотична состојба без воспоставена структура, со недостаток на соодветен и нецелосно остручен кадар за работа на претпријатието, и со над 70% заробен капацитет на прифатилиштето.

– Јавното претпријатие беше со затекнат долг од над 10 милиони денари направен за 1,5 година функционирање на претпријатието. Во 2021 година ЈП „Лајка“ има обезбедено од Град Скопје 20 милиони денари за потешкотии во работењето, 10 милиони за третман на животни, и дополнително уште 10 милиони денари долг кој го остави во јавното претпријатие, вкупно потрошено околу 40 милиони денари. За 2022 година Град Скопје обезбеди само 20 милиони денари за ЈП „Лајка“ без обезбедени средства за потешкотии во работењето. Со ваква скромна финансиска подршка успеавме да го запреме задолжувањето на претпријатието и да вратиме дел од долговите – потенцира Димитровски.

Изминатиот месец ЈП „Лајка“ функционираше главно од донации.

фото: Архива