(ВИДЕО) Први снимки по цунамито во Мексико предизвикано од разорниот земјотрес

Најмалку едно лице загина во земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди југозападниот брег на Мексико и предизвика цунами, изјави мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Епицентарот на силниот земјотрес се случил во ретко населен регион во државата Мичоакан, многу блиску до брегот. Мексиканскиот претседател Обрадор на својот Твитер профил објави дека секретарот на морнарицата го информирал дека едно лице загинало во пристанишниот град Манзанило кога се урна ѕид во трговски центар.

https://twitter.com/i/status/1571969319424106497

Локалните медиуми наведуваат дека по земјотресот, кој се случи во 13 часот и 5 минути по локално време, оштетени се неколку станбени згради.

Во Мексико Сити, оддалечен околу 500 километри, забележано е „благо до умерено“ тресење, кое може да ги оштети особено ранливите структури. Според градоначалничката Клаудија Шајнбаум, сè уште нема жртви или штети во Мексико Сити.

Локалните новински канали објавија дека пожарникарите затвориле некои згради во главниот град поради загриженост дека тие ќе се урнат.

Американскиот геолошки институт (USGS) првично ја објави јачината на земјотресот од 7,6 степени според Рихтеровата скала. Националната сеизмолошка агенција на Мексико подоцна ја ажурираше магнитудата на 7,7 степени.

Веднаш по земјотресот, Пацифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека бранови до три метри може да го погодат Мексико. Првичните бранови на цунамито веројатно веќе се случија на крајбрежните локации како Манзанило и Акапулко, а може да го погодат и туристичкото место Пуерто Ваљарта.

Цунами бранови помали од 3 метри може да се појават и долж бреговите на Тихиот Океан на Колумбија, Костарика, Еквадор, Ел Салвадор, Гватемала, Хондурас, Никарагва, Панама и Перу, соопшти организацијата.

 

faktor.mk