Партијата против злоупотреба на животните (PACMA) вчера организираше протест пред арената Лас Вентас во Мадрид, главниот град на Шпанија, барајќи да се забранат борбите со бикови, известува Агенција Анадолија (АА).
Претставниците на Здружението за заштита на животните и симпатизерите на PACMA од цела Шпанија, се собраа пред Лас Вентас, една од најголемите арени за борби со бикови на светот, барајќи да се забранат борбите со бикови во целата земја.
Насобраните пред Лас Вентас, една од најголемите арени за борби со бикови на светот, носеа транспаренти со натписи „Укинете ги борбите со бикови“, „Ги сакаме биковите“ и „Запрете ја бруталноста“, а по прошетката околу арената, дојдоа до главната влезна капија и подигнаа зелени шалови, симболично порачувајќи дека овој настан треба да се забрани.
„Во борбите со бикови низ цела Шпанија годишно на најбрутален начин се убиваат илјадници животни. И покрај тоа што поголемиот дел од населението ги одбива борбите со бикови, власта продолжува да ги субвенционира со јавни пари, а сите политички партии, освен PACMA, продолжуваат да заземаат страни и не ја поддржуваат забраната“, порачуваат од PACMA.
Борбата со бикови, што во Шпанија почнала да се одржува во 11 век, а како културен настан во арените се одржувала од крајот на 18 век, со гласање во Сенатот во 2013 година, усвоена е за културна вредност на Шпанија и одлучено е да се штити, поттикнува и воведе во законската регулатива.
Меѓу 17 автономни влади во земјата, Канарските Острови ги забранија борбите со бикови во 1991, а Каталонија во 2010 година.
Во Шпанија годишно се организираат повеќе од 1.800 борби со бикови, а статистиката наведува дека тие настани имаат директен или индиректен учинок од 3,5 милијарди евра во шпанската економија и вработуваат 200.000 луѓе.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).