Хрватска ИГХ со руски газди веќе наплатила милион евра од тендери

По поништувањето на тендерот за надзор на изграбата на коридорите 8 и 10 кој го доби хрватската фирма ИГХ, за која вицепремиерот Груби изјави дека е во сопственост на Руси, на површина излезе дека институциите и претходно соработувале со нив. Имено, минатата година два тендера вредни милион евра ги добил конзорциум во кој членува и хрватската ИГХ.

Американско-турска авантура за реализација на клучните автопатски коридори 8 и 10 во Македонија уште не почната, се сопна на руски олигарси. Тендерот вреден 27 милиони евра за надзор при изградбата е поништен кон крајот на август затоа што не исплатиле банкарска гаранција на време, но вицепремиерот Артан Груби минатата недела му заблагодари на Господ што зделката не била склучена, затоа што зад хрватската компанија Институт ИГХ што го доби тендерот стоеле руски сопственици.

Но, оваа компанија со, како што вели Груби руски сопственици, е дел од конзорциум кој минатата година од Јавното претпријатие за државни патишта наплатил над милион евра за два други тендера. Тендерските договори се склучени во јули и септември 2021 година, што е речиси половина година пред руската неиспроворицирана инвазија врз Украина по која следуваа санкции за дел од руските фирми и граѓани.

Носител на овие тендери во конзорциумот е велешката фирма „Институт за патишта“ додека другите две фирми членови на конзорциумот се Геотехник од Подгорица и Институт ИГХ од Хрватска.

 

Радио Слободна Европа