Димитриевски: Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине, така ние ја учевме оваа песна

Нека разберат, клетите фашисти, македонско име, нема да загине. Така ние ја учевме оваа песна, а нашите предци, на кои денес им се поклонуваме, рамо до рамо со светската антифашистичка коалција се бореа против нив и се изборија за она што ние денес го имаме, рече градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на централната прослава на Денот на народното востание 11 Октомври.

Освен Димитриевски, на прославата говореше и премиерот Димитар Ковачевски.

Пред неговиот говор, имаше културно-музичка програма, во која хорот освен македоснката химна, изведе и неколку песни од периодот на Народно ослободителната борба на македонскиот народ.

Хорот ја испеја и песната „А бре, Македонче“ македонска песна од патриотски, борбен карактер и химна на партизанското движење во Македонија, која потекнува од периодот на НОБ за време на Втората светска војна.

Песната се смета за народна песна, иако е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Таа е напишана во Прилепско, два месеци пред македонската химна Денес над Македонија.

Последниот стих во оргинал гласи:

Нека разберат клетите фашисти,
македонско име нема да загине!

Хорот кој ја изведуваше „А бре Македонче“ наместо клетите фашисти, ја исепа „Нека разберат, душманите клети, македонско име, нема да загине“.