Нуркачот кој почина во Хрватска е од Скопје и е татко на малолетни деца

Игор Петрушевски од Скопје, неофицијално е нуркачот кој почина во Хрватска откако му се слошило додека нуркал во близина на островот Вис. Петрушевски е татко на малолетни деца.

Колегите нуркачи поставувајќи фотографии на соцојалните мрежи изразуваат сочувство.

Инаку несреќата се случила околу 11 часот. На македонскиот нуркач му се слошило и останал без свест. Бил извлечен на копно и имало обид за реанимација.

Лекарите од Итната помош на островот се обиделе да му помогнат, но македонецот веќе бил починат, по што неговото тело е предадено на обдукција во Сплит каде треба да се утврди причината за смртта.

Сплитскиот весник Слободна Далмација објави дека станува збор за човек на средни години кому му се слошило во близина на малото островче Равник каде што и пред десетина години имало слична несреќа со загинат нуркач.

Областа околу Вис е атрактивна за нуркачите. Вис се наоѓа на крајот на хрватските територијални води, а во историјата е познат и како засолниште на југословенскиот партизански лидер Јосип Броз Тито по неуспешниот десант на Дрвар во 1944-тата година.

фото: Социјални мрежи