Северна Кореја истрела две балистички ракети

Северна Кореја истрела две балистички ракети со краток дострел кон морето во близина на источниот брег, соопшти војската на Јужна Кореја.

Ова е четврто лансирање на Пјонгјанг за една недела, што ги подигна тензиите на Корејскиот Полуостров, каде што морнарицата на Јужна Кореја, САД и Јапонија вчера одржаа заеднички противподморнички вежби првпат од 2017 година и откако американската потпретседателка Камала Харис го посети регионот оваа недела.

Две ракети со краток дострел беа лансирани од Сунан, северно од Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, се наведува во соопштението на Генералштабот на армијата на Јужна Кореја.

Во соопштението се прецизира дека проценетиот дострел на ракетите бил 350 километри и дека летале на височина од 30 километри со брзина од шест маха.

Јапонската крајбрежна стража извести за најмалку два теста на Пјонгјанг за кои се сомнева дека се балистички ракети.

– Ракетите прелетаа 400 и 350 километри, достигнувајќи височина од 50 километри, изјави јапонскиот министер за одбрана Тоширо Ино.

Токио поднесе протестна нота до Пјонгјанг преку дипломатски канали, рече Ино, додавајќи дека ракетите најверојатно летале по „неправилна траекторија“ и биле дизајнирани да го избегнат ефектот на противвоздушната одбрана.

 

vecer.press.mk