Донесена е Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година вредна 1,3 милијарди денари

0
335

На денешната седница Владата донесе одлука за исплата на штетите од елементарни непогоди што ги претрпеа земјоделците во 2016, 2017 и 2018 година. Висината на обештетувањето ќе биде 10 отсто од вкупно проценетата вредност. Со одлуката се опфатени 35 елаборати поднесени од 29 општини, ќе бидат обештетени над 9.100 граѓани и правни субјекти.

Владата дополнително донесе одлука и за исплата на обештетување за штети од елементарни непогоди врз земјоделските посеви во 2021 година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богданци. Вкупниот процент за обештетување за сите 5 општини е 10% од проценетата штета. Со одлуката ќе бидат исплатени 1.072 физички лица и правни субјекти.

За оваа намена, вкупно за сите општини каде што имало временски и елементарни непогоди од Буџетот ќе се исплатат околу 4,5 милиони евра.

Владата денеска ја донесе и Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година вредна 1,3 милијарди денари.

Оваа програма има за цел да бидат остварени политиките на рурален развој, кои се насочени кон: поддршка на инвестиции во земјоделскиот сектор, во водостопанството и јавната инфраструктура и подобрување на животот во руралните средини; обезбедување на стабилно производство на квалитетна храна; зголемување на конкурентната способност на земјоделството; обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство; промовирање на нови начини на организирање на локално ниво, преку основање на јавни приватни партнерства (ЛАГ); поддршка на економско здружување на земјоделски производители во форма на земјоделски задруги; зачувување на генетската разновидност на автохтони земјоделски растенија и автохтони раси на добиток; помош за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за земјоделска дејност и за одржлив развој на руралните подрачја.