Пендаровски: Според она што го знам, Владата тврди дека нема да има рестрикција на струја

Според она што го знам и јавно е познато до овој момент, Владата тврди дека нема да има рестрикција на струја. Владата тврди дека ќе имаме проблеми да набавиме енергенси по релативно пристапани цени за нашата економија. Но, дека ќе има количини, ќе има. Ова го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во Топ тема на Телма телевизија.

-До овој момент ние немаме пад во тоа стратешко размислување на страна на Владата. До овој момент и нивните тврдења во однос на цената на енергијата се дека таа нема да се менува минимум до Нова Година. Ако почнат проблеми во делови од системот, не дај Боже, тогаш ќе речеме мерките што ги читавте на глас пред месец дена, немаат ефект, рече Пендаровски.

Потсети дека 50 години не е вложувано во енергетските капацитети и изрази надеж дека во следниот период повеќе ќе размислуваме за обновливите извори на енергија и за градење на енергетска инфраструктура.

Во однос на помошта што се очекува од ЕУ за енергетската криза, Пендаровски рече дека сите инсистираме на помош, но дека сме мали за да не слушнат.

-Изминатите години сфативме дека сите шест земји од Западен Балкан најдобро е ако настапуваме како блок. Или заедно ќе одиме за малку погласни да бидеме, или еден по еден многу е тешко да не чујат во Брисел, рече Пендаровски.

фото: Архива