ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето за брзи парламентарни избори, но се помирила со фактот дека граѓаните во моментов имаат други приоритети како справување со енергетската и економската криза, истакнува претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
Мицкоски во емисијата „360 степени“ вели дека кога ќе биде во позиција да формира влада, ќе го избере коалицискиот партнер со кој програмата ќе биде компатибилна.
Јас ја преферирам албанската опозиција, честопати го говорам тоа и ќе го повторам и во вашата емисија, сепак има едно правило над сите правила и желби, а тоа е правилото на Бадентер. И доколку сакаме да имаме успешно спроведени реформи, ние мораме да го почитуваме. Сум го кажал тоа. Јас сум човек кој што сака легалистички да ги гледа работите, потенцира Мицкоски.
Мицкоски во овој момент не ја отфрла можноста за формирање на проширена коалиција меѓу сите парламентарни партии, но не како идејата на пратеникот Павле Трајанов.
Да, ние сме за широка коалиција која што ќе води кон распуштање на Парламентот. Да ја формираме таа широка коалиција денеска и утре 120 пратеници да изгласаме распуштање на Парламентот и да закажеме предвремени парламентарни. Инаку, да кохабитираме во иста Влада не, тоа не, рече Мицкоски.
извор: „360 степени“