Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за МАКФАКС, меѓу другото, беше запрашан и за подготвеноста на државата за прифаќање на бегалците од Украина и дали државата е отворена за бегалци од Русија, имајќи ја предвид воената мобилизација на Руската Федерација.
Министерот Спасовски го истакна ставот на Владата во однос на воената агресија на Русија врз Украина, односно дека Владата целосно ја има усогласено националната политика со политиката на ЕУ.
„Зошто? Заради тоа што во ниту еден момент никој не смее да поддржи, да одобри завземање на територија на друга држава, рушење на човекови права и слободи, правото на самопопределување, на крајот од краиштата само заради тоа што некој е посилен од другиот. И во тој дел ние сме сосема на јасно”, истакна министерот Спасовски, при што ја потенцираше подготвеноста на државата да помогне на украинските државјани.
„Ние сме подготвени, јас тоа го истакнав, заради тоа што имаше пласирање на информации коишто не кореспондираат со реалноста – дека државата не е подготвена да помогне на украинските државјани – нешто што апсолутно не е така. Јас ќе ви кажам низ бројки. Ние од 24.02.2022, кога започна војната, па се’ до 18.09.2022, на територија на РСМ влегле 21.106 украински државјани, а на излез поминале 15.539 украински државјани. Тоа покажува дека овие државјани биле овде на територијата и најголем дел се вратиле, затоа што ги донеле своите семејства. Притоа, најголем дел од овие луѓе се дојдени на ниво на пријателски, роднински и бизнис врски, затоа што работеле во одредени компании”, истакна министерот Спасовски.
„Сакам да напоменам дека 4.130 лица се под 16-годишна возраст, а 664 се лица над 70-годишна возраст. Во истиот период, од почетокот на кризата до денес имаме издадено 358 дозволи за привремен престој поради хуманитарни причини. Тоа не е туристички престој, како што се шпекулираше во јавноста, односно дека на тој начин државата не била подготвена. Напротив, оние лица кои побарале привремен престој од хуманитарни причини, а такви се 358, го добиле тој статус, додека немаме лица кои побарале азил на територија на РСМ”, информираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски објасни дека има и други државјани, вклучително и руски, кои побарале заштита на територијата на РСМ од повеќе причини, нагласувајќи дека низ процедурите во законот, како и со обврските од низа меѓународни договори и конвенции, таква заштита мора да се обезбеди, но податоците покажуваат дека не може да се зборува за некаков наплив на руски државјани.
„Од 13.09.2022 до 26.09.2022 година кога практично беше и најактуелно прашањето за воена мобилизација во Русија, 562 руски државјани влегле на територија на РСМ, а околу 512 ја напуштиле, што значи дека тие транзитираат низ државата. Најголем дел – околу две третини ги користеле копнените гранични премини, додека мал дел меѓународниот аеродром во Скопје или Охрид”, подвлече министерот Спасовски.
извор: МВР
фото: Архива