Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет и ќе истражува како тоа изминатава деценија, на територијата на Националниот парк „Маврово“, веднаш над комплексот „Кораб Трница“, функционери и други моќници, меѓу кои се семејството на пратеничката од ЛДП Моника Зајкова, помошник-министерот за внатрешни работи Маријан Здравковски, актерите Игор Ангелов и Маја Вељковиќ на диво изградиле цела викенд населба со дваесетина луксузни куќи и вили, иако не постои законска можност да се издаде градежна дозвола за таа локација, пишува Слободен печат.
Од службата за односи со јавност на ДКСК, за Слободен печат потврдуваат дека е оформен предмет по допрен глас во врска со информациите објавени од страна на ИРЛ за дивоградби во Трница.
„Конкретно на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“, во која помошник-министер, пратеничка и актери биле соседи во дива населба изградена на државно земјиште во таканаречениот комплекс „Трница хилс“. Предметот, согласно со деловникот за работа на ДКСК, е распределен на член на ДКСК и постапувањето по истиот е во тек“, пишува во дописот на Државната комисија за спречување на корупцијата.
извор: Слободен печат.
фото: ИРЛ