Македонија го празнува 11 Октомври – Денот на антифашистичкото востание и НОВ

Република Македонија денеска го одбележува 11 Октомври, почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

На 11 Октомври 1941 борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.