Танески: Охрид бележи успешна туристичка сезона, мерките лесно ќе се спроведуваат со растот на процентот на вакцинирани

0
650

Се сублимираат резултатите од туристичката сезона. Хотелиерите задоволни од годинешната сезона. И покрај пандемијата капацитетите беа целосно исполнети, како во хотелите, така и во приватното сместување. Летово како домашните гости, не не одминаа ни туристите од Србија, во голем број во убавините на Охридското крајбрежје ужива и туристи од Албанија, како и туристите од Европа -Полска и Холандија, но и од Турција. На тема туризам NEWS1, разговараше со пратеникот од СДСМ Лазе Танески, кој е и сопственик на „Лаки Хотел“, но и закупец на еден од најголемите хотели на брегот на езерото, хотелот „Десарет“.

News1.mk Летната сезона полека привршува и полека се прави еден сублимат на остварените резултати. Како помина оваа летна сезона за охридскиот и македонскиот туризам ?

Танески: Без лажна скромност и без политичка претенциозност заради функцијата која ја имам, ако зборуваме искрено можеме само да кажеме дека ова лето капацитетите беа полни. Како што е познато јас сум сопственик на „Лаки Хотел“, истовремено со години сум закупец на еден од најголемите хотели на брегот на езерото, хотелот „Десарет“, а сум и во постојан контакт со останатите менаџери на хотели. Капацитетите беа целосно исполнети, дојдоа домашните гости, не не одминаа ни туристите од Србија, а има и туристи од Албанија, а иако малку, сепак се вратија и туристите од Европа ( од Полска и Холандија ) како и од Турција. Тоа се уште не е како пред кризата со „Ковид 19“, но не е ни како лани кога странци скоро воопшто немаше. Место за незадоволство заради отсуство на туристи нема бидејќи реално летово работевме. Искрено кажано остваривме приходи и можеме да се подготвуваме за следни предизвици кои ќе ги носи времето.

News1.mk: Новиот бран од „Делта сој“ на „Ковид 19“ повторно враќа мерки за заштита. Некои од тие мерки се нови и до сега не се применуваа. Како ќе се одразат сега тие мерки на туризмот и дали се применливи ?

Танески: Мерките се неминовни заради зачувување на здравствениот систем во функција. И до сега мерките се воведуваа со цел да се намали притисокот на болниците и тоа успешно се направи. Мерките кои се нови се однесуваат на вакцинираните и не вакцинираните граѓани и не се нови во Европа и светот. Тие мерки во западна Европа постојат од како почна вакцинацијата. Мислам дека спроведувањето на тие мерки е изводливо со контрола на државните органи, поточно на инспекциите и полицијата. Мислам дека лесно ќе се спроведуваат овие мерки со растот на процентот на вакцинирано население. Колку повеќе вакцинирани толку полесно ќе е овие мерки да се спроведат. Затоа апелирам и во оваа прилика, сите ние да ја слушаме науката и да не подлегнуваме на други мислења или кампањи кои се прават и да се вакцинираме. Секој кој не се вакцинирал да ја слуша само и само науката бидејќи единствено таа е меродавна и реална да елаборира за болести и вакцини. Се друго е со други цели кои не ни носат добро ни лично нас за нашето здравје , ни на нашата економија ни на човештвото воопшто.

News1.mk: Пред да станете пратеник со години бевте во приватниот бизнис од трговија до угостителство. Каква е економијата денес по година и половина во здравсртвена криза и скоро пет години власт на СДСМ ?

Танески: Економијата и бизнисот се во далеку подобра кондиција од пред пет години. Тоа на прво место го знаат работниците кои примаат поголеми плати. Минималната палта од 9000 денари е дамнешно минато и мислам дека граѓаните не се сеќаваат дека дел од нив примаа и таква плата. Примаат и денес минимална плата но, таа е 15.000 денари и повторно ( иако заради кризата со Ковид 19 се пролонгира ) законски ќе биде коригирана на повисок износ. Што се однесува до просечната плата, таа се приближува кон 500 евра, со што се реализира и тоа ветување. Посебен придонес во растот на платите даваат странските компании кои вработија голем број луѓе, па покрај тоа што тие даваат поголеми плати, платите порастија и во домашните фирми кои ги зголемија платите за да ги задржат вработените. Мислам дека штетата од кризата со „Ковид 19“ е огромна пред се затоа што ги искомплицира и ги одложи многу процеси во економијата која и покрај се успеа да ги задржи платите, па дури и тие да растат, а секако дека и натаму ќе растат бидејќи како што гледаме странските компании на вработените им даваат услови за работа и плати кои мора да ги следат и домашните фирми. Тоа носи просперитет и финансиски бенефит за сите вработени.

News1.mk: Не чекаат Локални избори. До скоро бевте прв човек на СДСМ Охрид, а и натаму сте во политиката. Како гледате на приликите во Охрид во пресрет на изборите во октомври ?

Танески: Охрид е пред избор меѓу иднината за која на секој кој се занимава со политика треба да му е јасно дека е силно поврзана со екологијата. Власта во Охрид , па и во Македонија и секаде во светот во иднина еколошките теми и прашања ќе ги има на прво место во агендата. Како што гледам на политичката сцена нема политичка партија која дебатира околу статусот на Охрид во УНЕСКО, бидејќи барем според тоа што се зборува јавно тука има консензус меѓу партиите. Но факт е дека проблемите со УНЕСКО ние не ги имаме од како со Охрид владее СДСМ во овој мандат туку тие се собраа со децении од мандатите на сите партии кои се менуваа. Исто така факт е дека властите предводени од СДСМ и во градот и во државата се единствени кои презедоа акција и го спасија Охрид да остане под заштита на УНЕСКО. Исто како со меѓународните прашања , така и за ова локално прашање од државен интерес решенијата ги донесе СДСМ. Тие се популарни за дел од јавноста, за друг дел од јавноста не се популарни, но немаме избор дали ќе ги спроведеме или не и ги спроведовме ние. Значи граѓаните знаат и лично се уверија дека СДСМ и Локалната предводена од Константин Георгиевски направија чекори кои никој пред нив немаше храброст да ги направи. Значи власта на СДСМ е докажана и потврдена и на локално ниво како власт која решава децениски проблеми и граѓаните тоа го препознаваат. Партијата како што кажа и мојот наследник Науме Јованоски е оставив во одлична организација состојба, и таа е таква и денес. Без  лажна скромност ќе кажам дека очекувам победа и продолжување на политиките кои се водеа до сега.

News1.mk: Државава е подолго време заглавена во евро интегративниот процес, сега заради приликите кои ги имаме со Бугарија. Доколку се следат изјавите на официјалните лица се добива впечаток дека има одредена конфузија која час дава надеж за решение, за потоа да изгледа сосема безнадежно. Има ли изгледи да се реши ова прашање во мандатот на овој парламентарен состав ?

Танески: Дали и кога ќе се деблокираме зависи од тоа кога ќе се формира влада во Бугарија. Како што гледаме таму се повторуваат избори и нејасно е дали и овој состав на нивниот парламент ќе успее да избере Влада. Мислам дека доколку Бугарија добие прозападна власт може да очекуваме решение на проблемот во мандатот на оваа Влада која има капацитет да решава проблеми кои изгледаат нерешливо. Власта под водство на Зоран Заев покажа дека има капацитет да носи одлуки кои можеби не се популарни на дневно ниво, или да решава проблеми кои потоа со години некој ги користи за политички напади и обиди од тоа да собере поени. Но поени никој не собра бидејќи граѓаните се свесни дека одлагањето на решавањето на проблемите не носи ништо добро. Како и да е јасно е дека ако некој го реши проблемот со Бугарија тоа ќе е Заев и никој друг. Така да, ако парламентот во Бугарија избере власт и не се самораспушти по трет пат, тогаш сум убеден дека процесите ќе продолжат.