Тивко жуборење на изворите кои незапирно течат низ времето. Водени патеки кои посетителот го носат низ еден поинаков свет, прекриени со паднати жолти, есенски лисја. Патеки прекриени со паднати костени кои туристите ги собираат како плодови на есента, тоа се далеку прочуените Вевчански извори.
Место кое оддава мир, спокој и голема позитивна енергија за секој посетител. Посебно зрачи и со духовна енергија од трите параклиси кои се наоѓаат во него, црквите посветени на Света Среда, Света Недела и Свети Јован Крстител.
Секако неизбежен во овој период од годината е и дождовниот гуштер, кој со својата посебна специфика на обоеност, ретко може да остане незаприметлив.
Вевчански Извори — едни од поретките псевдопериодски сифонски врела во Македонија. Сместени се на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1.500 литри во секунда.
https://www.youtube.com/watch?fbclid=IwAR3jVuVJq_0JNY_weSGw6uroJmOnaNavT-F8pj06BRT2U8jmKb7YIs-xPuQ&v=nWjgzTawIvU&feature=youtu.be