Државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто. Од другите неплаќачи ќе се бара одговорност, најави денеска (5.12) премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата, објави DW.
„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја тоа е недомаќинско, раскалашено однесување на дел од директорите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори, на пример здравствените институции кои беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата“, вели Ковачевски.
Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра. Поради тоа се најавуваше дека без струја можат да останат затворите, судовите, Зоолошката градина, факултетите и други институции. На листата на должници се и Клиничкиот центар и Железница.
„Државата ќе мора да ги покрие трошоците на некои клучни институции, другите кај кои не постојат толку објективни причини за неплаќање на сметките ќе бидат повикани на одговорност. Ако ние имаме енергетска криза во текот на две години, а тие имаат неплатени сметки три години, тогаш енергетската криза не влијае. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење“, изјави Ковачевски.
Во врска со насобраниот долг од околу 7 милиони евра, и министерот за финансии Фатмир Бесими деновиве најави дека ќе го проверува буџетот, ставка по ставка за да се види од каде може да се префрлат пари за да се скуси овој долг и најголемиот медицински центар да се остане во темница.