Истанбул: Во судир на трамвај и автобус повредени 33 лица

0
172

Во несреќата во која се судрија трамвај и автобус во подрачјето на Ејупсултан во турската метропола Истанбул, повредени се 33 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

По несреќата, на местото на настанот пристигнати се голем број возила на итната медицинска помош, на полицијата и противпожарната служба.

Трамвајот по судирот излета од шините, а автобусот удри во друго возило на патот.

Локалните власти објавија дека во несреќата се повредени 33 лица, кои се пренесени во болниците.

Пожарникарите спасија едно лице кое останало заглавено во автобусот по судирот.

Спасувачките екипи го одвоија автобусот на два дела за да го отстранат со дигалка и со шлепер од местото на судирот.

Сите одвоени делови на автобусот се ставени на камион и отстранети од патот, а трамвајот беше вратен на шините и одвлечен од местото.

Гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја, преку социјалните мрежи им посака брзо оздравување на повредените.

„За жал, 33 наши сограѓани се повредени во сообраќајната несреќа што се случи утринава на трамвајската станица Алибејкој. Им посакувам брзо оздравување на сите наши повредени граѓани“, порача Јерликаја.

Селахатин Шахин, кој работи на блискиот паркинг, рече дека го видел трамвајот како го преполовил автобусот.

Мелих Картал, еден од очевидците на несреќата, изјави дека се слушнал силен трескот и дека излегле надвор мислејќи дека станува збор за земјотрес.

Јавното обвинителство во Истанбул започна истрага за несреќата.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Esra Bilgin/AA  Агенција Анадолија (АА).