Обвинителството бара притвор за осум лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на општина Ново Село. Дополнително уште две лица биле дел од шверцот на дрога, но тие се веќе во затвор за друго кривично дело.
„На сите осомничени им се става на товар дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 ст.3 в.в. ст.1 од од КЗ“, информираат од Јавното обвинителство.
Вчера биле извршени претреси во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга и затворот во Прилеп. Приведени се 8 лица, а пронајдени 13 вреќи со 193 кеси дрога марихуана во количина од речиси 100 килограми.
„Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка во која е утврдено дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 година, осомничените заедно, како повеќе лица, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба. Во текот на овој период групата организирала и реализирала продажба на поголема количина на наркотична дрога марихуана што неовластено била набавувана од НН правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од правен субјект со дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица“, информираат од Обвинителството.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за осумтемина осомничени. Останатите двајца осомничени се наоѓаат на издржување на затворската казна во КПД Затвор Прилеп од каде го сториле кривичното дело што им се става на товар.