Сојузната влада сака со конкретни мерки да постапува против осаменоста во Германија. Ресорната министерка Лиза Паус за таа цел вчера претстави резултати од истражувањата, кои треба да служат како научна основа за мерките. Според податоци од министерството, т.н. „барометар за осаменост“ е прва анализа од ваков тип и е дел од „Стратегијата против осаменост“ на германската влада, која беше усвоена уште во декември минатата година.
„Пораст за време на пандемијата“
Како што соопшти министерството, се работи за бројки и за развојот во период од 30 години. Се истражувало чувството на осаменост кај луѓе од различна возраст, пол и место на живеење во западниот и источниот дел од Германија.
„Милиони луѓе во Германија се чувствуваат осамено. За време на пандемијата таквото чувство е многу потенцирано“, рече Паус во разговор со новинската агенција ДПА. Постари и помлади лица се најчесто погодени од тоа, но и луѓе кои „вршат работи од делот на интензивна нега“, наведува понатаму политичарката од редовите на Зелените. Сега владата располага со „потребните податоци за да може да презема уште поконкретни дејствија”, вели Паус. Во нив, меѓу другото, спаѓаат и подигање на свеста во јавноста и проширување на можностите за помош.
„Можеби најголема народна болест“
Владите на други земји уште пред многу години имаат преземено мерки против осаменоста. Во Велика Британија и Јапонија веќе подолго време има министерства кои се занимаваат со проблематиката на овие луѓе. И германската фондација „Заштита на пациентите“ притиска проблемот засилено да се стави во фокусот.
„Осаменоста ги тангира сите генерации. Тоа е можеби најголемата народна болест во Германија”, вели претседателот на фондацијата, Ојген Бриш. Осаменоста не само што влијае на психата, туку „често“ доведува и до телесни проблеми.
БИБ: Секој трет понекогаш се чувствува осамен
Сојузниот институт за демографско истражување (БИБ) неделава претстави резултати од истражување спроведено на оваа тема, според кои секое трето лице во Германија, барем периодично, се чувствува осамено. Податоците се однесуваат на лица од 18 до 53 годишна возраст.
Во 2013 година 14,5 проценти од испитаниците во репрезентативна анкета навеле дека барем делумно се чувствуваат осамено, вели Сабине Дијабате од БИБ. Кон крајот на 2022 година такви биле 36,4 проценти, а 17 проценти навеле дека се многу осамени.
Осаменоста може да доведе до радикализација
Со почетокот на пандемијата на коронавирусот коефициентот на осаменост во истражуваната група луѓе се зголемил на 46,7 проценти, посочува ко-авторката на актуелната студија за осаменоста на БИБ.
И покрај укинувањето на ограничувањата за контакти, до почетокот на 2023 година едвај било забележано подобрување во социјалната сфера. Во постпандемиската фаза осаменоста останала на високо ниво, вели Дијабате. Таа потенцира дека осаменоста ги прави луѓето и поподложни на радикализација. Ризик фактори за осаменост, според зборовите на Мартин Бујар, заменик директор на БИБ, се немањето работа, живеењето сам и болест. Фактори кои штитат од осаменост, пак, се образование, добри примања и дневно користење на интернет. Но, и тука клучна е дозата, бидејќи виртуелниот свет не треба да биде замена за реалниот.
DW