DW-Поглед од Бугарија: Кои опасности демнат во бугарско-македонскиот спор

Самоил е бугарски цар, заедно ќе ги славиме Кирил и Методиј, Климент и Наум, учебниците ќе се менуваат: звучи како пробив во историскиот спор. Но, се уште демнат опасности, пишува бугарскиот аналитичар Петар Чолаков.

Знаците на затоплување и пробив во историските спорови меѓу Бугарија и Северна Македонија покажуваат дека „францускиот предлог“ за решавање на конфликтот е чекор во вистинската насока. Напредокот за историските теми, обраснати со правливи идеологии, е меѓу условите за почеток на преговорите за членство на РСМ во ЕУ. „Францускиот предлог“, во чија подготовка всушност активно се вклучија бугарските институции како МНР, е успех за нашата дипломатија. Сигналите дека може да се најде излез од ќорсокакот ја докажуваат исправноста на оние кои повикуваа на пофлексибилна позиција на Софија во спорот, инсистираа на напуштање на ултимативниот тон.

Воздржан ентузијазам

Беше објавено дека заедничката историска комисија постигнала договор за спорни личности како што се цар Самуил, Свети Кирил и Методиј, Свети Наум. Всушност, на пример, Самуил е „признаен“ од Скопје како владетел на бугарското царство; се наведува дека делото на Кирил и Методиј „е зачувано и развиено во книжевните центри на Преслав и Охрид“, кои „се наоѓаат на територијата на тогашната бугарска држава“. Од двете земји се очекува да ги изменат своите историски учебници и, како знак на добра волја, да почнат заеднички да ги слават дотичните поединци.

Ентузијазмот за овој позитивен развој мора да биде воздржан. Договор за повеќето историски формулации беше постигнат уште во 2019 година, но тогаш конструктивниот тон нагло беше напуштен поради (дополнителната), уште поостра политизација на темата – кај нас и во РСМ.

Францускиот предлог беше прифатен во парламентот на РСМ кон средината на јули со 68 гласови од вкупно 120 пратеници. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на гласањето. Според неа, францускиот предлог е предавство, а премиерот Димитар Ковачевски „ќе лежи во затвор“ поради „бугаризацијата“ што ја предвидува документот. Пратениците од опозициската партија дури го искинаа и запалија текстот на предлогот. Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ е неопходна за законодавниот орган на РСМ да го промени Уставот и да ги вклучи Бугарите во него – ова е уште еден услов за почеток на преговорите за членство во РСМ во ЕУ.

За штетната улога на Кремљ

Можно е сепак и овој услов да не биде камен на сопнување. На пример, ако се направат повеќе напори во РСМ да се покаже дека оние кои сакаат односите со Софија да останат затегнати не работат во интерес на сопствениот народ, туку за пропагандата на Кремљ.
Русија е заинтересирана за нестабилен, поделен Балкан. Москва стравува од проширувањето на ЕУ. Тоа јасно се виде од војната која што панично ја започна против Украина. Пробив може да се постигне и ако дел од опозициските пратеници во Скопје се мотивираат да ја „нарушат партиската дисциплина“.

Се разбира, руската пропаганда не престанува активно да делува и во Бугарија. Доколку следното Народно собрание повторно внесе „радикални патриоти“ во извршната власт, Софија ќе го саботира летот на РСМ кон Брисел како ништо.
Последните денови на 47. Народно собрание, на пример, покажаа дека ГЕРБ, „Преродба“ и ИТН можат синхронизирано да работат. Но, ГЕРБ го поддржа „францускиот предлог“ – ќе приговорите. Да, но „проевропската“, „евроатлантска“ ГЕРБ има завидно искуство на „симбиоза“ со патриотски формации (ВМРО – на чие инсистирање, за време на кабинетот „Борисов“ 3, се зацврсти тонот кон Скопје; „Атака“, НФСБ и други.). Единствена константа во однесувањето на нејзиниот лидер Борисов е желбата за власт.

Сè уште е нејасно дали „Преродба“ би дозволиле да бидат оседлани, да влезат во нечии политички пресметки. Засега тврдат дека нема да бараат партнери.

Каде уште може работите да тргнат наопаку?

Но, односите меѓу Софија и Скопје можат да станат заложници и на „банална парламентарна интрига“ поттикната од ад хок мнозинството (со цел да се акумулираат дивиденди за популисти-патриоти, да се оттргне вниманието на јавноста од друг проблем итн.) или пак да настрадаат од амбициите на привремениот премиер, кому му е кажано да се втурне во националистичката бура.

Доколку се остварат овие опасности ќе се изгуби историска шанса. Бугарија и РСМ се посилни заедно. Добро е и двете нации да бидат партнери наместо љубоморни ривали. Се надевам дека тоа ќе го сфатат.

 

Дојче Веле