Пендаровски во Бугарија ќе има средби со Радев и Урсула фон дер Лаен

Претседателот Стево Пендаровски, по покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, денес во Софија ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.

На церемонијата, што ќе се одржи во Националната палата на културата во Софија, ќе присуствуваат и Урсула фон дер Лаен, претседателка на Европската комисија, Илхам Алијев, претседател на Република Азербејџан, Киријакос Мицотакис, премиер на Хеленската Република, Николае-Ионел Чука, премиер на Романија, и Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.

Предвидено е претседателот Пендаровски да одржи средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

Гасниот интерконектор Грција – Бугарија (проект IGB) ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора.

Имплементацијата на проектот има цел да обезбеди диверзификација не само на рутите туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.

Во рамките на посетата на Република Бугарија, претседателот Пендаровски на автопатот „Струма“ ќе положи цвеќе на местото на автобуската несреќа, во која на 23 ноември 2021 година загинаа 45 македонски граѓани.

makfax.com