Велика Британија во сенка на политичката нестабилност го очекува својот трет премиер годинава

По оставката на поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, неговата наследничка Лиз Трас вчера соопшти дека поднесува оставка по само 44 дена на функцијата, што ја втурна земјата во политичка нестабилност. Започнува нова трка за лидер на владејачката Конзервативна партија, чиј крај ќе доведе до трето име годинава на чело на партијата и на премиерското место, пишува Агенција Анадолија (АА).

Во Велика Британија, каде што се присутни значителни турбуленции во политиката, последователните одлуки за оставки предизвикаа бурни реакции, како кај пратениците на владејачката партија, така и кај опозицијата.

Опозициските партии во земјата ја сметаат владејачката Конзервативна партија за одговорна за политичкиот хаос и бараат предвремени општи избори за да се стави крај на политичките превирања.

Трката за лидерската позиција во Конзервативната партија, која одби да распише општи избори, ќе заврши следната недела, а победникот воедно ќе стане и петтиот британски премиер во последните шест години.

– Партиски скандал и оставки во Владата 

Џонсон, кој ја презеде функцијата на 24 јули 2019 година во Велика Британија, беше под притисок на жестоки критики и повици за оставка од целата јавност поради одржувањето забави во Кабинетот на премиерот со што не ги испочитува мерките за карантин за време на пандемијата на Ковид-19.

Џонсон од одредени членови на неговата партија и од опозицијата беше обвинет дека го лажел Парламентот.

Во Конзервативната партија, чиј лидер беше Џонсон, во јуни му беше изгласана доверба и со тоа го преброди овој тежок процес, победувајќи со 211 гласа наспроти 148 „против“. Иако ја доби довербата во рамките на партијата, британската јавност беше на мислење дека политичката иднина на Џонсон е ставена во прашање, што се покажа како точно.

Оставките во Владата, кои беа последната алка во процесот што доведе до оставка на Џонсон, уследија по обвинувањата за вознемирување на пратеникот од Конзервативната партија и менаџер на групата, Крис Пинчер.

Иако беше свесен за обвинувањата за Пинчер, Џонсон, кој го именува на функцијата во партијата и рече дека нема сознанија за тоа, беше соочен со обвинувања дека лаже и дека се однесува неодговорно, како внатре, така и надвор од партијата.

По сиве овие обвинувања, речиси 60 лица од Владата и партијата на Џонсон, меѓу кои и министри, во рок од два дена поднесоа оставки.

Под сѐ поголем притисок, Џонсон на 7 јули објави дека поднесува оставка на чело на партијата и дека ќе ја продолжи својата премиерска должност додека не се избере нов лидер.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).