Во Франција регистриран најтоплиот октомври од 1900 година

Минатиот месец беше најтоплиот октомври во Франција од 1900 година, со просечни температури кои достигнаа 17,2 степени Целзиусови, 3,5 Целзиусови степени над нормалата, според Метеоролошката служба „Метео Франс“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тоа се должи на големата област со низок притисок од Атлантикот и топлите воздушни маси од северозападна Африка, кои се блокирани од област со висок притисок над Источна Европа.

Градот Муте во регионот Бургоњ, најстудениот град во Франција, во октомври беше без мраз, за првпат по 140 години, забележа „Метео Франс“.

Но октомври не беше топол само во Франција.

„Можеме речиси со сигурност да кажеме дека тоа е најтоплиот месец (во Шпанија) од 1961 година“, објави шпанската Метеоролошка агенција АЕМЕТ минатиот петок. ​​​​​​​

Метеоролошката управа на Велика Британија денеска соопшти дека температурите од 20,5 степени Целзиусови во Лондон се „поблиску до она што вообичаено би го виделе на крајот на август отколку на крајот на октомври“, додавајќи дека октомври, исто така бил невообичаено благ во Германија и Белгија.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).