(ФОТО) Воопшто не наликува на вакво магично место, внатре во пештерата Џара во египетската пустина

0
295

Пештерата која е широка околу 30 метри и висока околу 8 метри, е лесно достапна за посетителите (само внимавајте да не ја удрите главата кога влегувате). Од таванот на пештерата висат прекрасни примероци на сталактити и сталагмити, но она што посебно го привлекува вниманието се цртежите кои датираат од неолитот. Токму тие цртежи служат како потсетник на една друга епоха кога Сахара била зелен дом, населена со диви животни и ловци. Еден од најчестите мотиви се токму газелите, па затоа главната просторија го носи името „Ходникот на газелите“.

Пештерата била откриена во 1873 година од страна на германскиот истражувач Герхард Ролфс кој поминал три месеци во пустина, а своите впечатоци од патувањето ги опишал во неговата книга „Три месеци во либиската пустина“. Еве што запишал за пештерата: „Одеднаш камената пештера се појави пред нас. Нејзината убавина и грандиозност ги надминаа сите наши очекувања. Сталактити со големина од еден метар висеа од таваните формирајќи елегантна завеса, создадени од водата која некогаш течела низ ова место, а која веќе ја нема.“

По овој настан, пештерата паднала во заборав сè до 1989 година кога повторно ја „открил“ истражувачот Карло Бергман. На ова место ги истражувал карванските рути во друштво на својата камила.

Џара е дел од западната пустина, египетскиот дел на Сахара кој е именуван по неговата позиција во однос на реката Нил, а кој се протега сè до границата со Либија. Тука е и последната станица на т.н. карванска рута Дарб Асиут која ги поврзувала градовите Фарафра и Асиут.

Се работи за една од ретките пештери во Египет, затоа ако патот ве однесе натаму не пропуштајте да ја посетите. Доколку сакате уште повеќе да уживате во пустинскиот пејзаж, посетете ја црно-белата пустина позната по необични карпести формации и мали црни ридови, како и оазата Сива, древен град познат како „земјата на палмите“. Верувале или не, ова пустинско чудо било напуштено поради обилните дождови.

 

kafepauza.mk