(ФОТО) Лидија Кочовска одржа емотивен концерт во чест на починатата мајка, заедно со сестрата Тања и таткото Панче

Со голема болка поради тоа што мајка ѝ не е физички присутна до неа, но и со голема гордост што пее токму за неа, Лидија Кочовска одржа емотивен и многу успешен концерт во Тетарот за деца и младинци во Скопје, посветен на големата пејачка на „Мањифико“, Невена Кочовска.

Најубавиот и најтоплиот момент беше на крајот, кога и нејзиниот татко, легендата Панче Кочовски, заедно со сестра ѝ Тања Кочовска, излегоа на сцена заедно со Лидија, за да ја испеат „Мама Хуанита“. Ова е една од песните која го одбележа професионалниот пат на нашите, а светски познати „Мањифико“, и песна која е лично важна за љубовта на Невена и Панче, и воопшто за целото семејство Кочовски.

– Концертот помина прекрасно, незаборавно, нам, а верувам и на публиката засекогаш ќе ѝ остане врежан во длабоко сеќавање. Сцената ја делев со моите најдраги Влатко Груевски (тенор) и Андреј Наунов (хиперталентиран пијанист и диригент), инаку мои долгогодшини пријатели и колеги во НОБ. Како што на концертот кажав, со процесот на работа на овој проект станаа и моја фамилија. Тие двајца одлучија овој концерт поддржан од Министерството за култура, да биде посветен на мојата мајка, за што сум им неизмерно благодарна, како јас, така и моето најблиско семејство“, ни раскажа Лидија која вели дека емоциите ѝ биле измешани, за цело време додека пееше нејзини песни и македонски евергрини.

– Од една страна, страшна болка што мајка ми не е присутна физички меѓу нас, од друга страна чувствував гордост и среќа што го правам ова токму за неа и знам, го чувствував нејзиното присуство и поддршка, беше тука, со нас.  Мислам дека кај сите владееа такви емоции, плачевме, се смеевме, игравме, пеевме. Мене ме одржува во живот токму таа помисла, мајка ми би била најсреќна да сме јас, Тања и татко ми секогаш насмеани и среќни“, вели Лидија. За крај, таа ги долови своите чувства кога ја отпеале „Мама Хуанита“, нивната како што вели домашна химна.

 

 

 

zenskimagazin.mk