Цената на станбениот квадрат во Скопје го следи трендот на раст на цените на становите во поголемите градови во регионот. Цените на становите во регионот за една година скокнаа за повеќе од 30 отсто, а во Скопје квадратот стигна и до 2.000 евра. Според градежните експерти, ова зголемување на цените на становите не се должи толку на порастот на цените на градежните материјали и на работната рака, туку на големата побарувачка. Порталот ,,Пари” анализираше зошто и покрај тоа што според бројот на жители во државата има доволно станови, сепак и понатаму се гради.
Според ланските податоци, 307.187, односно 36,6 отсто од становите во државата се празни ‒ некои поради иселување, некои затоа што се купени како инвестиција, а некои затоа што се постари.
Градежните експерти велат дека рекордно високите цени на становите во Скопје делумно се резултат на поскапените репроматеријали и поскапата работна рака, но поголемиот дел се резултат на вештачкото зголемување на цената на градежниот квадрат, односно на зголемената побарувачка и на зголемените апетити на сопствениците на градежните парцели и влегувањето на голем капитал во градежништвото преку трговци – градежници кои купуваат парцели, градат и си заминуваат.
– Цената на градежните материјали, која последниве месеци стагнира, влијае само со 30 отсто на крајната цена на градежниот квадрат. Тоа значи дека ако квадрат станбен простор се продавал по 1.000 евра, со поскапувањето на репроматеријалите би чинел 1.300 евра, а не 2.000 евра. Што се однесува до работната рака, таа е дефицитарна и нејзината цена расте, но работната рака не учествува ни 5 отсто во зголемените трошоци за изградба на станот. Кај нас, генерално, сите што имаат готови пари ги инвестираат во купување станови со цел потоа да ги издаваат и поради тоа има голема побарувачка на пазарот. Овој тренд ќе се смири бидејќи има хиперпродукција на станови ‒ вели градежниот експерт Никола Велковски.
Во градежниот сектор последниве години влегоа трговци кои внесоа огромни пари, градат и си заминуваат. Во борбата за добивање локација за градење, овие трговци им нудат високи цени на сопствениците на земјиштето на кои, пак, во меѓувреме сѐ повеќе им растат апетитите. Ова зголемување на крај го плаќа купувачот на станот со тоа што ќе плати 2.000 евра за квадрат.
‒ Сите фирми почнаа да градат станови, бидејќи нема инвестиции во инфраструктура. 95 отсто од фирмите кои сега градат станови се компании и поединци кои не се од градежниот сектор, не живеат од градежништво туку од продавање станови. Инвестираат во овој сектор поради моменталната ситуација, голема побарувачка на станови и брза заработка ‒ вели Велковски.
Сепак, според градежните експерти, нереално е цените да се качат на 2.000 евра за квадрат, бидејќи нема паркинг, нема зеленило, нема инфраструктура, а граѓанинот кој купува стан не добива повисок квалитет на градбата на станот.
Градежниците се согласни дека започнатиот тренд на раст на цените на станбениот квадрат нема да запре и следната година, бидејќи на сето ова дополнително ќе влијаат и повисоките цени на струјата и на другите енергенси кои влегуваат во крајната цена на градежните материјали. Дополнителен мотив за повисока цена е и растот на цената на трудот.
Според познавачите на пазарот, на цената на станбениот квадрат влијае и растот на цените на становите во регионот, бидејќи речиси секаде побарувачката за нови станови е поголема од понудата.
И од агенциите за недвижности велат дека многу станови се празни, некои поради иселување, некои затоа што се купени како инвестиција, а некои затоа што се постари.
‒ Има доста празни станови кои не се издадени. Некои не се издадени поради тоа што цените за изнајмување се нереално високи, некои поради тоа што се стари и нереновирани, а некои поради квадратурата. Големите станови потешко се издаваат. Исто така, има разлика дали станот е опремен со мебел или не. Празните станови обично се 70 евра поевтини од наместените, велат од една агенција за изнајмување на станови.
Ова го потврдија и статистичките податоци, според кои секој трет стан во државата е празен. Во Скопје најмногу празни станови има во општина Центар – 10.865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17.771 стан. Интересно е дека за 20 години бројот на станови во Центар е зголемен за над 30 проценти, додека во Чаир за само 3,62 проценти.
И податоците на Народната банка покажуваат раст на цените на недвижностите во текот на целата година. Во првиот квартал растот изнесувал 3,2 отсто, во вториот 4 отсто, а во третиот квартал 5,9 отсто. Се очекува овој раст да биде повисок во четвртиот квартал од годинава.
Моменталните цени на станови кои се градат во Скопје, огласени на веб-огласниците, се движи меѓу 1.000 и 2.000 евра за квадрат, зависно во која населба се наоѓа градбата и кога е почната да се гради.
Текстот во целост на: ,,Пари”