Телма го истражуваше обвинителскиот профил на Ислам Абази – Го тужел обвинителството за дневници, „извојувал“ две 40-годишни затворски казни за убиство, но изгубил процес за киднапирање девојка

Вкупно 66 обвинители гласаа за избор на новиот раководител на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази, кој по потекло е од Зајас, родното село на Али Ахмети. Самиот Абази потврди дека немал програма за работа, но и покрај тоа обвинителите го избрале за најгорливиот оддел во правосудството, преку кој треба да се гонат и функционери, објави Телма.

Самиот Абази се пофали дека работел многу предмети и бил дел од работната група за конфискација на запленет имот стекнат со криминал. Од друга страна во пракса, Абази нема работено речиси ништо со корупција и со организиран криминал.

Биографијата на Абази на судскиот портал е скромна и содржи само 35 пресуди и судски одлуки. Првата која се појавува е за неговата тужба против Обвинителството и заедно со уште две колешки во 2015-та барал да му се исплатат дневници за дежурства. Процесот го добил, обвинителството му исплатило над 57 илјади денари за заостанати дневници, а Абази бил еден од десетината обвинители кои ја тужеа својата организација. На крај дневниците си ги добија сите, и оние што не тужеа и оние што тужеа.

Во ова пресуда е наведен и почетокот на кариерата како обвинител во Кичево каде бил 20 месеци основен, па потоа бил избран за Виш обвинител. Речиси девет години беше во Вишето јавно обвинителство, и како обвинител и последните 4 години како раководител. Вчера е избран на првите обвинителски избори, а во пресудата пишува:

-Тужителот Ислам Абази е именуван за јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Кичево со одлука СОИ.бр.4/12 од 25.04.2012 година на Советот на јавни обвинители на РМ. Оваа функција истиот ја извршувал се до 03.12.2013 година кога со одлука бр.6/13 од 03.12.2013 година на Советот на Јавни обвинители на РМ е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.

Абази треба да гони кривично за организиран криминал и корупција, во досегашната кариера од 10 и пол години, немал речиси никакво искуство според судскиот портал. Само во два случаи (како Виш обвинител) гонел функционери и тоа на ниско ниво. Станува збор за кривичен процес против директор на ХЕЦ Маврово за злоупотреба од околу 30 илјади евра. Тој процес на Вишото обвинителство прво го изгубил, но потоа во повторување на постапка го добил предметот како Виш обвинител.

Текстот во целост на: Телма.