Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ поднесе 6 амандмани за проширување на опфатот на финансиската поддршка за различни категории граѓани

Поминаа повеќе од месец дена од предлозите на Христијан Мицкоски и десетина дена од предлозите на пратеничката група со мерки за полесно справување со економската и енергетската криза на домаќинствата и стопанството. Владата, а и колегите од мнозинството предводено од ДУИ и СДСМ молчат како да не постојат иако еден дел ги прифатија.

Владата го прифати предлогот на Христијан Мицкоски снабдувањето на училиштата, здравствените установи и јавните водостопански претпријатија да плаќаат фиксна цена на електрична енергија неколкукратно пониска од пазарната цена, истакна Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ.
Во продолжение ја пренесуваме прес конфренцијата во целост:

Владата прифати да му помогне на дел од стопанството и со тоа прехранбената индустрија ќе добие фиксна цена на електрична енергија која е пониска од цената на слободниот пазар.

Пред 10тина денови Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија презентираше нов пакет на предлог мерки во интерес на граѓаните, а колегите сеуште немаат став по истите.

Побаравме секој викенд до крајот на кризната состојба да е викенд без ДДВ за прехранбените производи. Побаравме да се врати мерката субвенциониран студентски оброк, но со износ од 160 денари дневно. Побаравме да се намалат акцизите на дизелот и бензинот. Побаравме да се одложи прогресивното оданочување за дополнителна една година. Побаравме да се даде финансиска поддршка на сите граѓаните на кои им е потребна, а не само на неколку илјади.

За денес е закажана комисијата за финансирање и буџет на која единствена точка на дневен ред е Законот за финансиска поддршка на граѓаните. Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија поднесе 6 амандмани со кои бараме да се прошири опфатот на финансиската поддршка и за заборавените категории на граѓани.

Имено, со амандманите предлагаме финансиска поддршка од 3000 денари да има за сите самохрани родители, а не само за оние чии деца се на возраст до 7 години и се приматели на гарантирана минимална помош. Бараме по 3000 денари месечна финансиска поддршка за сите средношколци, деца без родители и родителска грижа, по 3000 денари и за невработените лица кои се активни баратели на работа, како и за корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително сметаме дека поддршката за пензионерите е недоволна и не ги опфаќа сите и токму затоа бараме сите пензионери со примања до 18.000 денари да добијат месечна финансиска поддршка од 3000 денари, тие што имаат до 30.000 денари да добијат 2.000 денари месечно, а останатите по 1000 денари месечно.

За крај во услови на инфлација од 20%, а потрошувачка кошничка над 50 илјади денари која на месечно ниво се зголемува за најмалку 1000 денари, Предлог буџет за 2023 година од 5,3 милијарди евра, помош од 750 денари за лицата корисници на правото на надомест за телесна оштетеност е навреда. Најмалку што може да сторат колегите од мнозинството е заеднички да ја дуплираме помошта на 1500 денари месечно за периодот до 30 април 2023 година.

Ова се амандманите на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија за денешната комисија. Пратениците од мнозинството да се изјаснат дали ќе бидат слепи послушници на власта или ќе работат во корист на граѓаните и Владата ќе мора да им даде финансиска поддршка на средношколците, децата без родители и родителска грижа, сите самохрани родители, сите пензионери, невработените лица кои се активни баратели на работа и корисниците на гарантирана минимална помош.

извор: ВМРО ДПМНЕ